Веројатноста за американски напад врз Иран е „многу висока“

Билборд на плоштадот Енкелаб во Техеран прикажува ирански ракети како погодуваат американски носач на авиони. 26 јануари, 2026

САД распоредуваат борбени авиони, воздушна одбрана и носач на авиони што носи илјадници војници на Блискиот Исток, зголемувајќи ги тензиите со Иран и зголемувајќи ја веројатноста за воена акција, велат експертите.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани со воени напади врз Иран откако властите во Техеран убија илјадници луѓе во бруталното задушување на антивладините протести. Трамп неодамна се откажа од ваквите закани, иако не исклучи напад врз Исламската Република.

Експертите велат дека военото засилување, како и планираните поморски вежби на САД во регионот, го зголемуваат притисокот врз Иран и обезбедуваат повеќе офанзивни воени опции ако Вашингтон одлучи да го нападне Иран.

Видете и ова: Американски бродови кон Иран, ОН предупредува на алармантен број жртви

„Тоа може да биде порака до Иран дека сме подготвени, нашите капацитети се таму“, изјави за Радио Фарда (иранскиот сервис на РСЕ), Фарзин Надими, виш соработник во Вашингтонскиот институт за политика на Блискиот Исток.

Надими додаде дека шансите за американски напади врз Иран се „многу високи“, посочувајќи на „отворено агресивното“ распоредување на воени сили во Персискиот Залив.

Носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и три придружни разорувачи се упатуваат кон Блискиот Исток, носејќи над 5.000 војници. Централната команда на САД објави дека борбените авиони „Ф-15Е Страјк Игл“ се распоредени во регионот.

Воздухопловните сили на САД објавија на 25 јануари дека ќе започнат повеќедневна воена вежба низ Блискиот Исток „за да ја демонстрираат способноста за распоредување, дисперзирање и одржување на борбената воздушна моќ“ во регионот.

Активноста потсетува на минатата година кога САД преместија воени ресурси во регионот пред Израел, а потоа Вашингтон изврши воздушни напади врз нуклеарните постројки на Иран.

Исламската револуционерна гарда, елитната гранка на вооружените сили на Иран, одговори со зголемување на нивото на готовност и ги повикува вооружените групи поддржани од Иран во Ирак, Либан и Јемен да го поддржат Техеран.

Многу ризици

Извештаите на американските медиуми велат дека Трамп разгледува низа воени опции против Иран - од воздушна кампања што би можела да трае со недели или месеци до скромни и во голема мера симболични напади насочени кон иранските безбедносни сили. Се вели дека се разгледуваат и невоени опции, вклучително и дополнителни економски санкции.

Експертите велат дека секоја воена акција на САД против Иран би била полна со ризик и би можела да го вклучи целиот регион. Техеран се закани дека ќе ги нападне американските бази во Персискиот Залив, како и Израел, клучен сојузник на САД.

„Цената е непредвидлива - одмазда против американските сојузници и напади врз бродови во Персискиот Залив. Регионалните партнери не сакаат да ја платат таа цена“, изјави за Радио Фарда Мехрдад Хансари, поранешен ирански дипломат.

Земјите во регионот го повикаа Вашингтон да покаже воздржаност, загрижени дека конфликтот меѓу САД и Иран би можел да предизвика поширок конфликт.

Видете и ова: Иран сѐ уште нема интернет, расте бројот на жртви на протестите



Хансари рече дека само воздушната кампања, без копнена инвазија, нема да доведе до промена на режимот, ако тоа е крајната цел на Вашингтон.

Копнената инвазија на Иран, најголемата и најнаселена земја на Блискиот Исток, според многу воени експерти, не е опција на почетокот.

„Тоа го држи прашањето отворено - како Дамоклов меч што виси над режимот - но само воздушните напади не можат да го соборат режимот или да ги елиминираат неговите безбедносни сили“, рече тој, шпекулирајќи дека владините сили едноставно ќе се повлечат за време на нападите и повторно ќе се појават откако ќе завршат.

Како би можел да се изврши нападот?

Надими рече дека планираните воени вежби на САД во наредните денови би можеле да обезбедат покритие за вистински операции.

Тој рече дека САД би можеле да користат електронско војување и сајбер напади за да ги нарушат радарските и комуникациските мрежи на Иран. Стелт бомбардерите и борбените авиони потоа би можеле да ја пробијат воздушната одбрана во радио тишина, напаѓајќи командни центри и ракетни локации.

Сепак, Иран не би бил без одбрана во случај на конфликт, велат експертите.

Иран поседува крстосувачки ракети што можат да ги загрозат американските воени бродови во тесните води на Персискиот Залив, како и балистички ракети што би можеле да ги погодат регионалните бази. Иран дури алудираше на тоа со поставување голем транспарент на главниот плоштад во Техеран за време на викендот на кој беше прикажан американски носач на авиони погоден од бараж од ракети.
Дури и ако Вашингтон прибегне кон претежно симболичен напад, Иран веројатно ќе одговори на ист начин, рече Надими.