Истражување: Изборите нема да влијаат на берзата

Предвремените парламентарни избори нема да влијаат врз индексот на Македонската берза, покажува истражувањето на Друштвото за управување со фондови „Илирика“. Според анализите, врз одлуките на инвеститорите, односно врз Македонскиот берзански индекс (МБИ) најмногу влијаат општата политичка ситуација во државата, особено евроинтегративните процеси, психолошкиот фактор и светските економски движења. Како најмалку влијателни, пак, се детектирани ценовно чувствителните информации од котираните компании и дивидентната политика на фирмите. „Статистички докажавме дека првиот, вториот и третиот месец пред и по изборите немаат влијание врз МБИ 10. Со преку 90 отсто сигурност може да се тврди дека Индексот не зависи од изборите. Примарни фактори што го детерминираат се непристапувањето кон НАТО и ЕУ“ рече Александар Манев, главен извршен директор во „Илирика“.