Косово ќе бара враќање на имоти од поранешна Југославија

Косовското Министерство за надворешни работи формираше комисија која ќе побара враќање на имотот на просторот на поранешна Југославија за кој Приштина смета дека му припаѓа на косовските фирми, пишува денеска весникот „Коха диторе“. Комисијата, во која се и претставници на Агенцијата за приватизација, тврди дека идентификувала имот на општествени претпријатија кои се наоѓаат во земјите од поранешна Југославија, и наведува дека постојат 172 објекти од таков вид. Весникот наведува дека најголем број од ваквите објекти се во централна Србија, вкупно 104, потоа во Црна Гора 42, во Босна и Херцеговина 15, шест во Хрватска, четири во Македонија и еден во Словенија. Министерот во косовската Влада Артан Бехрами рече дека за враќање на имотот прво ќе разговара со Црна Гора, чии власти, како што рече, досега покажале најмногу конструктивност.