Либијските бунтовници освоиле пограничен пункт, НАТО ги предупредува цивилите

Либијските бунтовници изјавија дека освоиле контролен пункт во близина на границата со Тунис, во близина на населено место кое порано беше под бунтовничка контрола. Лидерот на анти - владините сили Шабан Абу Сита рече дека борците денеска го освоиле пограничниот пункт Дхухеиба по неколкудневни судири со лојалнистите на либијскиот лидер Муамар Гадафи. Во меѓувреме, НАТО апелираше до цивилите во северноафриканската земја да се држат понастрана од трупите на Гадафи, за да не настрадаат при воздушните напади. Предупредувањето следи по извештајот на либијската државна телевизија во кој се тврди дека седуммина цивили загинале во воздушен напад на Алијансата, додека осумнаесетмина биле повредени.