Милошоски очекува известувач со „силен углед и репутација“

Наредниот известувач за Република Македонија во Европскиот парламент треба да биде европратеник кој ужива голем углед и репутација, a непишано правило е тој да не биде од соседна земја за да се избегнат одредени недоразбирања и погрешни толкувања, смета министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. „Во секој случај за Македонија пожелно е за известувач да има европарламентарец кој има и силен углед и репутација. Доколку биде таков, и за ЕП и за Република Македонија ќе биде задоволство да се соработува за остварување на заедничката цел за почнување на преговорите со Европската унија“ рече Милошоски. Тој осврнувајќи се на процесот за решавање на спорот со името, како шпекулации ги оцени одредените информации дека е постигнат некаков договор кој треба да и се соопшти на јавноста неколку месеци по изборите. „Македонија ја плаќа реалната цена за постоењето на овој спор, кој сметам дека е наметнат од Грција без особено оправдување и е прилично ирационален“ рече министерот.