Тензии меѓу Иран и арапските земји од Персискиот Залив

Протест на иранските студенти пред саудиската амбасада во Техеран

Арапските земји од Персискиот Залив го обвинија Иран дека се меша во нивните регионални работи „со цел сеење раздор и уништување“. На средбата во Ријад, министрите од Советот за заливска соработка ја повикаа меѓународната заедница и ОН да ги преземат „неопходните мерки“ да ги спречат ваквите иранските обиди. Бахреин, Кувајт, Катар, Оман, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати го повикаа Иран да престане со провокациите. Во изјавата се осудува „агресијата“ кон саудиските дипломати во Иран.

Претходно, Ријад се закани дека ќе ги отповика своите дипломати од Иран, ако тамошните власти не го подобрат нивното обезбедување. Ирански студенти минатата недела демонстрираа пред саудиската амбасада во Техеран против саудиската воена интервенција во Бахреин. Според иранската новинска агенција ФАРС, врз амбасадата биле фрлени 6-7 молотови коктели, а демонстрантите извикувале пароли против владејачките династии во Саудиска Арабија и во Бахреин. Иранските власти во неколку наврати го осудија испраќањето саудиски војници да ги разбијат демонстрациите во Бахреин. Саудиска Арабија е сунитска земја, исто како и кралското семејство во Бахреин. Мнозинството од жителите во Бахреин, пак, се шиити, исто како и во Иран.