Заштита на корисниците на кредити по европски стандарди

Корисниците на потрошувачки кредити во Македонија во иднина ќе ги уживаат истите права и заштита како граѓаните од земјите членки на Европската унија. Тоа го овозможува новиот Закон за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, кој веќе стапи на сила и е целосно усогласен со стандардите и принципите на Европската унија. Ова беше кажано на денешната прес-конференција на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за економија Фатмир Бесими и претседателот на Организацијата за заштита на потрошувачи Маријана Лончар Велкова. Со измените зголемена е горната граница од 20.000 на 75.000 евра на она што се дефинира како потрошувачки кредит одобрен на физички лица. Сега како потрошувачки кредит се смета кредит во износ од 200 до 75.000 евра. „Измените се во насока на заштита на потрошувачите. Тоа ќе значи поголем број на кредитобаратели, односно корисници на кредити ќе ги уживаат правата на измените на законот“ рече вицепремиерот Ставрески. Тој како втора и најзначајна измена ја истакна воведувањето на обврската за сите даватели на потрошувачки кредити задолжително на корисниците на кредитите да им даваат пред догворни информации во кои ќе им се презентира се што е потребно за да бидат целосно информирани.