Откупувачите не одговараат на нашите барања, тврдат тутунарите

Откупните фирми не сакаат да одговорат на барањата на Сојузот на тутунските здруженија, оцени денеска раководството на Сојузот. Според Данчо Милески, претседател на Сојузот, завчерашниот состанок со откупувачите во групацијата за тутун при Стопанската комора на Македонија завршил неуспешно. „Откупните фирми не сакаат да дадат повисоки цени, ги скратуваат површините што ги пријавуваат тутунарите и им ги задржуваат белите картони, оневозможувајќи ги да склучат друг договор. Се правдаат дека такви се барањата од нивните газди“ вели Милески. Фирмите нудат цени од 205 до 220 денари за прва, од 140 до 166 денари за втора и од 85 до 115 денари за трета класа. Сојузот бара повисоки цени пред се на втората и третата класа.