Брисел не сака „неодмерени реакции“ од Загреб

Брисел го предупреди Загреб дека неодмерени реакции на изрекување на пресудата на Анте Готовина и на уште двајца хрватски генерали, би можело да го загрози завршувањето на преговорите на Хрватска со ЕУ, пишува денеска „Нови лист“. Завршувањето на хрватските пристапни преговори со ЕУ би можело да биде загрозено, доколку уследат неодмерени реакции на хрватската јавност на пресудата која Хашкиот суд треба да ја изрече на тројцата генерали во петок. На генералите Анте Готовина, Младен Маркач и Иван Чермак, обвинети за воени злосторства за време и по акцијата „Бура“ во 1995 година, пресудата би требало да им биде изречена на 15 април. „Нови лист“, повикувајќи се на неименувани бриселски дипломати, наведува дека поголеми потреси поради пресудите би можеле да влијаат на затворањето на Поглавјето 23 - Правосудство и основни права - од што зависи завршувањето на преговорите.