Идентификувани двајцата напаѓачи од „Здравко Цветковски“

Полицијата го откри идентитетот на двајцата напаѓачи кои вчера претепаа две момчиња во Средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ од кои едното почина, а другото се здоби со потешки повреди. Едниот е веќе приведен под сомнение дека сторил кривично дело „насилство“, а другиот, кој се уште не е достапен за полицијата, е осомничен за кривично дело „убиство“. Причина за нападот била претходна расправија. Како што соопшти денеска МВР, кривична пријава поради основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство“ ќе биде поднесена против Д.Т.(1995) од Скопје, додека кривична пријава за „насилство“ ќе биде покрената против С.Г. (1992). Второосомничениот бил пронајден и приведен набрзо по инцидентот, и тој денеска ќе биде изведен пред надлежен Истражен судија, додека по првоосомничениот се уште се трага.