Баросо: Да се реши прашањето за името

Многу е важно оваа година земјата да го задржи моментумот на своите реформи, инаку ќе постои голем ризик земјата да заостане во пристапниот процес. Важно е да се реши и прашањето со името, што е можно поскоро. Веруваме дека вашата земја треба да продолжи со преговорите со ЕУ. Ние го дадовме тој предлог, но за ова е потребно да се реши прашањето со името и се надевам дека ќе биде решено, подобро поскоро отколку подоцна, изјави првиот човек на Европската комисија Жозе Мануел Баросо по средбата со премиерот Никола Груевски во Охрид. Тој на премиерот му ја посочил потребата за напредок во политичкиот дијалог, судската и административната реформа, како и во борбата против корупцијата. Баросо исто така предложил воспоставување дијалог на високо ниво за пристапување, преку средби што ќе се одржуваат двапати годишно во Брисел и Скопје. Според Груевски тоа ќе овозможи одржлив механизам за размена на гледишта и регуларен мониторинг на политичките критериуми, но и на клучните реформски одредници, нотирани во извештајот за напредокот од претходната година. „Разговаравме за уникатниот предизвик со кој се соочува Македонија, со каков што досега не се соочувала ниту една земја-кандидат во процесот на пристапување во ЕУ, а тоа е спорот за името со Грција. Ги претставив нашите напори за решавање на овој спор и го потврдив значењето од изнаоѓање заемно прифатливо решение под покроителство на Обединетите нации“ рече Груевски.