Настрада средношколец во тепачка во средното училиште Здравко Цветковски во Скопје

Во Средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ денеска се случи голема трагедија. Ученик Албанец се обиде да му помогне на својот соученик Македонец и настрада. Убијците ќе бидат фатени и изведени пред лицето на правдата, изјави попладнево на прес-конференција министерот за образование и наука Никола Тодоров, по инцидентот што се случи во ова средно училиште. Директорката на училиштето Драгица Костадиновска раскажа дека инцидентот се случил околу 14 часот додека дел од учениците биле вакцинирани од мала сипаница.
- Ученикот Дарко Анчев беше нападнат од непознати сторители. Во периодот додека траел нападот, десетина секунди, обезбедувањето реагирало. Во моментот излегувал од вакцинација веќе починатиот за жал Мухамед Али Јашари, кој се обидел да му помогне на својот другар Дарко, но за жал бил нападнат од страна на сторителите. Бил удрен со тап предмет. Во моментот реагираше лекарската екипа и им помагаше и на двете дечиња, изјави Костадиновска.
Таа појасни дека најверојатно станува збор за група од четворица непознати напаѓачи.
Средношколците, кои биле ученици во трета година во училиштето, прво биле однесени во Градската болница „8-ми Септември“, а потоа поради сериозноста на повредите се префрлени во Ургентниот центар.
- И покрај обидите на лекарите Мухамед, за жал, почина и се надевам дека сторителите ќе бидат набргу фатени и казнети, изјави директорката на училиштето.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски изрази жалење за инцидентот што се случи во Средното училиште и упати сочувство до семејството на починатиот Мухамед Али Јашари.
- Градот Скопје пред да се случи овој инцидент презеде низа мерки за обезбедување на училиштето. Во ова училиште ангажирана е Агенција за обезбедување, поставени се видео камери за надзор. Исто така, според упатствата на Секторот за образование од Градот Скопје во сите училиште има редовни дежурства на наставниците и во ходниците и во дворот, но за жал и покрај сите овие мерки се случи оваа трагедија, рече Трајановски.
На денешната прес - конференција присуствуваше и вицепремиерот Абдулаќим Адеми.
Мухамед Али Јашари е роден 1992 година и е од Кондово, скопско. Бил син единец.