Стефановиќ задоволен од разговорите со Приштина во Брисел

Шефот на преговарачкиот тим од Белград Борко Стефановиќ денеска изјави дека е задоволен од текот и резултатите од досегашните преговори со институциите во Приштина. Тој рече дека Белград во разговорите се придржува кон Уставот на Србија и резолуциите на српскиот Парламент. Стефановиќ пред парламентарната комисија за Косово го претстави извештајот од досегашните преговори, повторувајќи дека тимот од Белград во никој случај не признава независност на Косово. Тој оцени дека решавање на косовското прашање ќе го отвори процесот кон европска интеграција на Србија и Западен Балкан и ќе помогне за создавање на стабилен и долготраен мир во регионот.