Повеќе од половина гласачи излегле на изборите во Казахстан

Снег на денот на изборите во Казахстан

Излезеноста на претседателските избори во Казахстан е поголема од онаа во 2005 година, соопштија од Државната изборна комисија. Претпладнево околу 66 проценти од лицата со право на глас излегле да го остварат своето право, наспроти 55 процентната излезност на изборите пред 6 години. Се претпоставува дека е извесна победата на актуелниот шеф на државата Нурсултан Назарбаев, кој ако ги добие мнозинството гласови би останал на власт уште пет години. Тој владее со Казахстан веќе две децении, од времето кога централноазиската земја беше дел од Советскиот сојуз. Инаку, станува збор за вонредни избори кои се распишаа откако Уставниот совет на земјата го прогласи за неуставен референдумот на кој се предлагаше продолжување на мандатот на Назарбаев до 2020 година. Меѓународната заедница до сега нема забележано ниту еден слободен и фер гласачки процес во Казахстан.