Кампања за враќање на смртната казна во Турција

Во Турција по неколкуте морничави злосторства на деца покрената е кампања за повторно воведување на смртната казна, што беше укината во 2001 година. Во Кајсери, Централна Турција соседот заклал три деца, додека во Истанбул маќеата на зверски начин ја усмртила деветгодишната поќерка. Соседот прво со слатки ги намамил децата на возраст од осум, девет и десет години. По силувањето на деветгодишното девојче тој ја убил неа и двете момчиња. „Ние предложивме Парламентот повторно да воведе смртна казна за вакви и слични монструозни злосторства. Почнавме и акција за собирање на потписи од граѓаните, кои сигурно ќе ја поддржат нашата идеја. На крај треба да се распише референдум, ако Парламентот не ја прифати иницијативата.“ се наведува во соопштението од Партијата на големото единство, која бара враќање на смртната казна. Противниците на смртната казна оценуваат дека тоа не би придонело до намалување на криминалот.