Состанок на Контакт групата за Либија во Лондон

Денеска во Лондон ќе биде одржан првиот состанок на Контакт групата за Либија, на кој министрите за надворешни работи на 40 земји ќе го разгледаат текот на воената операција во оваа земја. „Целата меѓународна заедница ќе има прилика да го поддржи либискиот народ во борбата за симнување од власт на жестоката диктатура и за создавање услови кои на тој народ ќе му овозможат да решава за својата иднина. Сегашниот режим изгуби секаков легитимитет. Гадафи треба веднаш да ја напушти власта“, се вели во заедничкото соопштение на францускиот претседател Никола Саркози и на британскиот премиер Дејвид Камерон пред состанокот во Лондон. Претходно, Франција, Велика Британија и САД го повикаа либискиот национален совет за транзиција, кој го сочинуваат 31 претставник од различни градови во земјата, да воспостават национален политички дијалог. Процесот треба да почне со транзиција, уставна реформа и организирање слободни избори, наведуваат трите земји.