Савески не ги коментира изјавите на премиерот Мицкоски

Ненад Савески, државен обвинител

Новоизбраниот државен јавен обвинител Ненад Савески вели дека никогаш нема да коментира ничија изјава, нагласувајќи дека првото нешто што го направил откако е на функцијата е средба со јавните обвинители во Државното јавно обвинителство.

Прашан за коментар на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека очекува одговори за работата на Катица Јанева и СЈО, Савески во изјава за медиумите пред денешната седница на Советот на ЈО рече дека нема да коментира ничија изјава.

Прашан што ќе направи во однос на гласините дека има предмети што се чуваат во фиока, Савески нагласи дека е само неколку дена на функцијата и дека за секоја одлука јавноста ќе биде навремено известена.

„Дајте малку време, сепак се неколку денови. Вклучително, приоритет е и учеството на седниците, да се пополнат местата коишто се испразнети и да се создадат услови да функционира таму каде што има испразнети места“, изјави Савески.

Тој нагласи дека работата на Јавното обвинителство, вклучително на секој јавен обвинител, а и државниот јавен обвинител, надлежностите и обврските кои ги исполнуваат јавните обвинители произлегуваат од законските регулативи.

Видете и ова: Северна Македонија доби нов државен обвинител – кој е Ненад Савески?

Прашан за гувернерот Трајко Славески, Савески рече дека се следат состојбите во врска со тоа што како информации излегоа во јавноста и дека доколку се најде основ за отворање на предистражна постапка, секако тоа ќе биде постапено.

„Нема отстапки тоа се законски обврски на Јавното обвинителство. Значи тоа секако се оценува за секоја ситуација, вклучително и оваа за која ме прашувате. Не може, а да не биде предмет на анализа. Доколку се најде основ, се постапува согласно законот“, изјави Савески, нагласувајќи дека јавноста ќе биде известена со комплетно соопштение од страна на службите за односи со јавноста.

За барањето за изземање на обвинителката Ленче Ристовска и случајот со пожарот во Кочани, Савески рече дека не е донесена одлука.

Видете и ова: Савески: Интересите на политичките партии не се мој интерес

Савески пред десеттина дена беше избран за нов државен обвинител. Тој ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.

Инаку на денешната седница на Советот за јавни обвинители беа избрани четворица обвинители за организиран криминал. Се работи за обвинителите Александар Маркоски, Ана Гоговска-Јакимовска и Ана Стојковиќ-Димитровска од Скопското обвинителство и Енѓелуше Кадриу-Леши, на која овој ѝ е трет мандат во ОЈО ГОКК.