Трамп се заканува со нови напади врз Харг, додека Иран стрела врз енергетската инфраструктура на земјите од Заливот

Фотографија објавена на социјалните медиуми на 14 март покажува облаци чад по воздушните напади врз иранскиот град Исфахан, каде во напад врз фабрика наводно загинале најмалку 15 лица.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека иако голем дел од стратешкиот остров Харг на Иран е уништен во американски воздушен напад, тој може да нареди понатамошни напади, додека арапските држави во регионот, сојузнички на Соединетите Американски Држави (САД), пријавија прекини во сопствените нафтени индустрии поради иранските одмазднички напади.

Трамп на 14 март изјави дека американските напади „целосно го уништиле“ поголемиот дел од островот Харг - кој се наоѓа на неколку десетици километри од иранското копно - но додаде дека „можеби ќе го погодиме уште неколку пати само за забава“.

Видете и ова: Трамп вели дека САД го бомбардирале островот Харг, најави дека наскоро ќе има морнаричка придружба во теснецот

Веднаш по нападот, Трамп рече дека американските сили „целосно ги уништиле“ иранските воени цели на островот, но ја оставиле нафтената инфраструктура недопрена. Сепак, тој се закани дека ќе ги погоди и тие локации ако Иран го прекине сообраќајот во Ормутскиот теснец.

Иранските власти тврдеа дека извозот на сурова нафта течел непрекинато од терминалот на островот Харг по она што Трамп го опиша како „еден од најмоќните бомбардирања“ во историјата на Блискиот Исток.

Нападот на островот Харг означи голем развој во конфликтот, кој почна на 28 февруари по големите американско - израелски напади врз иранските воени и нуклеарни објекти.

Островот Харг е главниот излез за извоз на нафта на Иран, кој служи како терминал за околу 90 проценти од извозот на нафта. Се наоѓа на околу 24 километри од иранскиот брег и околу 480 километри северно од Ормутскиот теснец.

Трамп „изненаден“, но не е подготвен за договор

Трамп за NBC изјави дека е „изненаден“ што Техеран одлучил да нападне други земји од Блискиот Исток како одмазда за нападите на САД и Израел врз Иран.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Зошто островот Харг е клучен за извозот на нафта од Иран?

Тој, исто така, тврдеше дека Техеран се стреми да постигне договор за прекин на конфликтот, но дека условите што ги нудат Иранците не се во согласност со неговите барања.

„Иран сака да постигне договор, а јас не сакам да го направам затоа што условите сè уште не се доволно добри“, рече тој.

Тој не прецизираше какви услови бара, но додаде дека тие ќе треба да бидат „многу цврсти“ и ќе мора да вклучуваат обврска Техеран да се откаже од какви било нуклеарни амбиции.

Страв од зголемување на цените

Трамп ја минимизираше загриженоста на потрошувачите за трошоците за енергија.

„Мислам дека ќе паднат пониско отколку што беа порано, а јас ги држев на рекордно ниски нивоа“, рече Трамп за цените на бензинот, велејќи дека тие ќе се намалат наскоро по завршувањето на војната во Иран.

Видете и ова: САД ќе дозволат продажба на дел од руската нафта за да се ублажат недостатоците од војната со Иран

Иран вети дека ќе го држи теснецот затворен и соопшти дека цените на нафтата би можеле да достигнат 200 долари, околу двојно повеќе од сегашните, веќе покачени цени.

Откако еден ден претходно изјави дека американската морнарица наскоро ќе почне да ги придружува бродовите низ теснецот, Трамп се чини дека се откажа од таа изјава.

„Не сакам да ви кажам ништо за тоа“, рече тој, но додаде дека „тоа е можно“.

Во објава на социјалните мрежи претходно, Трамп рече: „Земјите од светот што добиваат нафта преку Ормутскиот теснец мора да се погрижат за тој премин, а ние ќе помогнеме - МНОГУ!“

„САД, исто така, ќе се координираат со тие земји за сè да оди брзо, непречено и добро“, додаде Трамп.

На удар регионалните сојузници на САД

Регионалните сојузници на САД исто така пријавија напади врз објекти на нафтената индустрија, зголемувајќи ги стравувањата уште повеќе од масовни прекини во снабдувањето со енергија во светот.

Властите во полуавтономниот регион Ирачки Курдистан соопштија дека операциите во рафинеријата Ланаз во градот Ирбил останаа суспендирани рано на 15 март, иако пожарот што избувна по нападот со беспилотно летало беше локализиран.

Видете и ова: Соборен американски авион, убиен француски војник во Ирак - се шират последиците од војната во Иран

Иран ќе ги таргетира објектите на американските компании во регионот доколку бидат нападнати неговите енергетски објекти, изјави министерот за надворешни работи Абас Арагчи, цитиран од државната телевизија, по американските напади на островот Харг.

Иран се чини дека го насочи својот бес кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), тврдејќи дека нападот на островот Харг од страна на американските сили потекнува од Емиратите.

Портпарол на иранската војска ги предупреди луѓето во ОАЕ да ги евакуираат пристаништата и „американските скривалишта“.

Официјалните лица на ОАЕ негираа дека американската војска го почнала нападот од базите во земјата, но рекоа дека го задржуваат правото да преземат одбранбени мерки.

„ОАЕ имаат право да се бранат од оваа наметната терористичка агресија, но сè уште им даваат приоритет на разумот и логиката, продолжувајќи да покажуваат воздржаност и барајќи излез за Иран и регионот“, напиша претседателскиот советник Анвар Гаргаш на мрежата Икс.

Видете и ова: „Дубаи се врати во нормала, но спиевме и во пустина“ – Македонски граѓани чекаат евакуација од Блискиот Исток

ОАЕ „вложија искрени напори до последен момент да посредуваат меѓу Вашингтон и Техеран за да се избегне оваа војна“, додаде тој.

Конзулатот на ОАЕ во автономниот курдски регион Ирак беше нападнат по втор пат во рок од една недела на 14 март. Двајца припадници на безбедносните сили беа повредени, а зградата, исто така, претрпе штета, соопштија официјални лица.

Пожар во Фуџаира

Некои операции за полнење нафта се суспендирани во емиратот Фуџаира на ОАЕ, важен глобален центар за полнење гориво на бродови, откако канцеларијата за медиуми на емиратот соопшти дека бил пресретнат дрон, но дека остатоците од него што паднале предизвикале голем пожар.

Нападите со беспилотни летала ги погодија енергетските постројки на Фуџаира претходно овој месец, а паднатите остатоци од пресретнат дрон предизвикаа пожар, соопштија властите.

Сместен во Оманскиот Залив, Фуџаира е оддалечен околу 100 километри од Ормутскиот теснец, кој е во голема мера затворен за сообраќај - зголемувајќи ја важноста на Фуџаира во снабдувањето со енергетски текови до светските пазари преку своите пристаништа.

Во емиратот Абу Даби, компанијата АДНОК ја затвори својата рафинерија „Руваис“ како одговор на пожар во објект во комплексот по напад со беспилотно летало, објави Ројтерс.

Видете и ова: Може ли Трамп да извојува брза победа во Иран?

Иранскиот тврдокорен Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГК) соопшти доцна на 14 март дека започнал ракетен напад врз американските сили стационирани во базата Принц Султан во Саудиска Арабија.

ИРГК соопшти дека базата се користи за опслужување на „борбени авиони Ф-35 и Ф-16 и дека е складиште за цистерни со гориво“.

Рано на 15 март, саудиското Министерство за одбрана соопшти дека пресретнало и уништило 10 беспилотни летала над Ријад и источните региони на земјата.

Кувајтската управа за цивилно воздухопловство соопшти дека меѓународниот аеродром во земјата бил цел на неколку напади со беспилотни летала, оштетувајќи го неговиот радарски систем и принудувајќи го да го затвори својот воздушен простор.