Владата на Косово се согласи да издава привремени дозволи за престој на припадници на српската заедница

Kосово - зградата на ректоратот на Универзитетот во Северна Митровица, која функционира според српскиот систем (фото архива)

Владата на Косово се согласи да издава привремени дозволи за престој во траење од 12 месеци на припадниците на српската заедница кои немаат косовски документи и ги признава личните карти издадени од српските власти, што ќе ги ублажи последиците од целосната имплементација на Законот за странци и возила.

Според најновото соопштение на косовските власти, целосната имплементација на Законот за странци и возила ќе почне на 15 март.

Видете и ова: Во Косово започнува спроведувањето на законот за сообраќај и странци, и покрај противењето на Србите

Врз основа на овoj закон, сите кои немаат косовски документи ќе мора да добијат дозвола за престој, додека возилата со странски регистарски таблички нема да можат да учествуваат во сообраќајот во Косово подолго од три месеци или врз основа на овластување.

Новите мерки за олеснување за припадниците на српската заедница доаѓаат по состанокот меѓу специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Питер Соренсен, и косовскиот премиер Албин Курти на 14 март.

Членовите на српската заедница во Косово, нивните политички претставници и граѓанскиот сектор се противат на целосното спроведување на законот за странци и сообраќај.

Нивното образложение е дека тоа негативно ќе влијае врз припадниците на малцинските заедници, како и врз здравствениот и образовниот сектор што функционира во српските заедници во рамките на српскиот систем.

Имено, Законот за странци би влијаел врз припадниците на српската заедница кои немаат косовски документи, но живеат, работат или студираат на Косово. На пример, на Универзитетот во Северна Митровица - кој работи во српскиот систем - граѓаните на Србија би морале да имаат работна дозвола или дозвола за престој да работат или студираат.

Видете и ова: ЕУ ги ублажува санкциите кон Приштина: Што значи ова за Косово?

Инаку, според упатствата и брошурите објавени од косовското Министерство за внатрешни работи, секој што нема косовски документи од 16 март ќе мора да има привремена дозвола за престој и да исполнува други услови пропишани со закон, во зависност од целта на престојот, за потребите на студирање, семејно обединување, хуманитарни причини, научни истражувања и други околности предвидени со закон.

Дозволата за престој мора да се побара во рок од 72 часа од влегувањето во Косово.

Целосната имплементација на Законот за странци и возила во Косово е остро критикувана од Белград, со оцена дека станува збор за „дискриминаторски мерки“.

Заедницата на општини со српско мнозинство беше договорена во 2013 година со првиот Бриселски договор, принципите беа договорени во 2015 година, а се споменува и во Договорот за патот кон нормализација на односите, кој Косово и Србија го прифатија во 2023 година.