Осмомартовски марш во Скопје со минута молк и пораки против насилството

„Нема да нè снема“ – Осмомартовски марш за женските права во Скопје. 08.03.2026

Со минута молк и пораки за правда денеска во Скопје започна традиционалниот Осмомартовски марш, организиран од повеќе граѓански иницијативи и здруженија.

Учесниците точно напладне се собраа во паркот „Жена борец“, од каде маршираа кон Градскиот парк и бистата на Вера Јоциќ.

Видете и ова: Божиновска-Силјановска: Семејното насилство во земјава прогресира, институциите мора да бидат поефикасни

Годинашниот марш се одржува под слоганот „Нема да нè снема“, кој, според организаторите, ја изразува непоколебливата борба на жените да опстојат во систем и општество што како што велат често не ја гарантира нивната безбедност, не ги штити од насилство и ги остава на маргините.

Учесниците порачаа дека празничните честитки за 8 Март не се доволни доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и системската дискриминација.

Маршот се одржува во чест на борбата за женските права и историската традиција на 8 Март, кој симболизира солидарност и отпор во стремежот кон еднаквост и достоинствен живот.