Шест фирми ги изгубија лиценците за одгледување канабис

Запленета марихуана од фирма регистрирана за регистрирана за одгледување на канабис за медицински цели (фотоархива).

На шест компании во Северна Македонија им се одземени лиценците за одгледување канабис за медицински цели, соопшти министерот за здравство, Азир Алиу, на прес-конференција во Владата на 24 февруари.

Владата донела ваква одлука бидејќи, како што посочи министерот, биле констатирани низа недоследности.

„Одлуките на Владата се засноваат на наодите од извршените контроли – несоодветно складирање на сувиот цвет, недоследни известувања до Комисијата, недоставена целосна документација за продажба и трансфер“, посочи Алиу.

Досега се спроведени контроли во 13 фирми, а надлежните најавуваат дека ќе ги проверуваат сите 43 кои во моментов имаат активни лиценци.

Видете и ова: Проверка на сите фирми за канабис, сѐ уште трае истрагата за шверц во Србија

Поради пропустите и можностите за злоупотреби што ги констатирале надлежните, министерот најави и подготовка на нов закон. Но, за него ќе се почека додека да завршат контролите во сите фабрики.

Меѓу шесте фирми на кои е одземена лиценцата е и „Алфа фарм“ чиј косопственик е вмешан и осомничен со случајот со запленетите пет тони марихуана во Србија.

Останатите пет компании кои останаа без дозвола се: „Грин лајф“, „ЦБД медплант“, „Лајф плант“, „Атафарм“, „Канабидоис“.

„Алфа фарм“, која е актуелна со последните случувања во земјава и во Србија, е фирма со седиште во Скопје. Еден од нејзините косопственици – српски државјанин беше приведени во акција на српските органи на 29 јануари кога во селото Коњух во централна Србија, беа запленети пет тони марихуана.

Српските органи тогаш излегоа со сомнежи дека тие потекнуваат од Северна Македонија, по што започна акција и во земјава. Од фабрики во Скопје и во струмичкиот регион беа запленети 40-тина тони.

Исто така, на 20 февруари Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори и истрага за шест лица кои ги сомничи дека биле вклучени во шверцот на марихуаната во Србија.

Видете и ова: Шест лица под истрага за марихуаната во Северна Македонија и Србија

Одгледувањето канабис за медицински потреби во Северна Македонија е легализирано повеќе од осум години.

Надзорот над компаниите со одобрение за одгледување на канабис за медицински цели го спроведува Комисија за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, која е под Министерството за здравство.

Одлуките за лиценците ги носи Владата. Покрај последните шест одземени лиценци, во текот на изминатите години од носењето на законот владите предводени и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ донеле одлуки за одземање на дозволите на уште 14 фирми.