Трамп: Сојузниците придонесоа со повеќе од 7 милијарди долари за Газа

Прв состанок на Одборот за мир во Вашингтон.

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека сојузничките земји придонеле со 7 милијарди долари за помош на Газа, додека Косово се обврзало да помогне со испраќање воени трупи.

Говорејќи во четврток во Вашингтон на првиот состанок на Одрборот за мир, Трамп рече дека пет земји меѓу кои Косово и Албанија, се обврзале да испратат трупи во Меѓународните безбедносни сили за Газа.

На свечениот состанок учествуваше и претседателката на Косово, Вјоса Османи, бидејќи Косово е една од земјите-основачки на Одборот.

Одборот за мир, кој брои 27 членки, беше основан на 22 јануари во Давос, Швајцарија, во присуство на претседателот Трамп.

Видете и ова: Стејт департмент: Нема „џентлменски договор“ со Русија за истечениот нуклеарен договор

Советот за безбедност на Обединетите нации ја овласти оваа структура да го надгледува спроведувањето на примирјето во Газа и да се вклучи во прашања поврзани со управување и обновување на регионот.

Основaњето на Одборот е предвидено со планот на Трамп од 20 точки за мир во Газа.

Овој план го прифатија Израел и Хамас – организација што САД и други држави ја прогласија за терористичка во октомври минатата година, со цел да се стави крај на двегодишните судири.

Во меѓувреме, за време на својот говор во четврток, Трамп исто така рече дека помогнал во намалувањето на тензиите меѓу Косово и Србија. Тој ја пофали претседателката Вјоса Османи и порача дека двете земји треба да го контактираат „ако не оди добро“, на што Османи одговори: „Ќе ве повикаме“.

Придонесот на Косово

Претседателството на Косово претходно потврди за Радио Слободна Европа дека од државата не е побарано плаќање од милијарда долари.

Се наведува дека земјата, за да стане постојан член на Одборот, би требало да уплати износ од милијарда долари.

Видете и ова: Стармер ја повтори поддршката за мировниот план на Трамп за Газа

Претходно, косовските власти потврдија дека се разгледува формата и капацитетот во кои припадниците на Косовските безбедносни сили (ФСК) би можеле да придонесуваат во Меѓународните сили за стабилизација за Газа.

Премиерот на Косово, Албин Курти изјави дека учеството на ФСК во оваа мисија произлегува од учеството на конференција одржана во декември минатата година во Доха, Катар, која ја организираше Централната команда на американската армија.

Министерот за одбрана, Ејуп Македончи, изјави за Радио Слободна Европа дека конференцијата во Катар имала информативен карактер во врска со Меѓународните сили за стабилизација и дека Косово било повикано да учествува од страна на американската армија.

Во четврток, командантот на Меѓународните сили за стабилизација, американскиот генерал-мајор Џаспер Џеферс, на состанокот на Одборот даде дополнителни детали за оваа мисија.

„Првите пет земји ангажираа трупи за служба во Меѓународните сили за стабилизација (ISF) – Индонезија, Мароко, Казахстан, Косово и Албанија. Две земји ја презедоа обврската за обука на полицијата – Египет и Јордан“, рече Џеферс.

Тој додаде дека ISF ќе започне распоредување во Рафах, на југот на Газа, каде ќе ја обучува локалната полиција, а потоа ќе се „шири сектор по сектор“.

Видете и ова: Анализа: По говорот на Рубио, Европа воздивнува со олеснување

Според Џеферс, долгорочниот план предвидува ангажирање на 20.000 војници од ISF и обука на 12.000 полицајци.

Војната меѓу Израел и Хамас почна во октомври 2023 година, откако Хамас уби повеќе од 1.200 луѓе во Израел и зема стотици заложници.

Израелските напади врз Газа како одмазда предизвикаа смрт на повеќе од 60.000 луѓе, криза со глад и огромни штети на инфраструктурата.