ДКСК го запре предметот против Блерим Беџети – не морал да ја пријави градежната фирма на неговите деца

Блерим Беџети - пратеник

Откако првично го казни пратеникот Блерим Беџети од ДУИ поради непријавување промена на интереси, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесе поинаква одлука - дека законски немал никаква обврска за тоа што не ја пријавил градежната компанија „Ве Инвест Холдинг “ на своите две деца, за која пишуваше РСЕ.

На последната седница, Антикорупциска соопшти дека констатирала прекршок и го казнила Беџети бидејќи не пријавил промена во анкетниот лист во рок од 30 дена од основањето на фирмата во септември 2025 година.

Но, како што соопшти членот на Комисијата, Сервет Демири, Беџети поднел приговор и доставил докази – копии од лични карти дека синот и ќерката не живеат во заедничко домаќинство со нивниот татко.

„ДКСК утврди дека лицето немало обврска да пријави на интересите согласно закон бидејќи неговите блиски лица не се членови во семејство. Семејство се подразбира брачен другар, вонбраче другар, деца, со кој лицето живее во заедничко домаќинство“, рече Демири.

Од Антикорупциска велат дека е утврдена „нова фактичка состојба“, додека издадениот платен налог го поништиле.

Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет против пратеникот Блерим Беџети за непријавен имот по написот на РСЕ дека неговиот 19-годишен син и 21 годишната ќерка отвориле градежна компанија „Ве Инвест Холдинг“, со седиште во стан во сопственост на таткото на Блерим, Беџет Беџети.

Видете и ова: Децата на Блерим Беџети отвориле градежна фирма, тој негира дека ќе градат згради

Во тогаш јавно достапниот анкетен лист на Блерим Беџети, како имот на деца беа наведени автомобил Голф фолксфаген, произведен во 2021 година, а купен на 26 јуни 2024 година за сума од 23.000 евра, како и заштеда од плата, стекната на 27 јуни 2023 година од 2.000 евра. Но, не и компанијата.

Беџети тогаш изјави дека фирмата нема да гради згради, туку дека тоа е општа дејност под која е регистрирана во Централниот регистар.

Во ноември 2025 година, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети и уште осум лица вработени во општина Сарај и Град Скопје поради сомнение за злоупотреба на службената положба. Случајот се однесува на нерегуларности при издавање градежни дозволи за објект во Сарај.