Рубио: Односите на САД со Унгарија влегуваат во „златна ера“

Американскиот државен секретар Марко Рубио

Соединетите Американски Држави и Унгарија влегуваат во „златна ера“ во билатералните односи, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио за време на посетата на Будимпешта.

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја започна својата официјална посета на Унгарија и денеска, 16 февруари во Будимпешта разговараше со унгарски официјални претставници, вклучувајќи го и премиерот Виктор Орбан.

Тие разговарале за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, особено мировните процеси и енергетските односи меѓу САД и Унгарија.

Како што јавува Ројтерс, Рубио изјавил дека Трамп и Орбан имаат многу близок личен однос и дека тоа е корисно за билатералните односи меѓу двете земји.

Видете и ова: Рубио го увери Зеленски за посветеноста на САД, но предупреди на „тешки“ отстапки

Унгарскиот премиер Орбан се согласил дека меѓу двете земји нема табу теми и дека може да зборуваат за сѐ, вклучително и за кинеските односи.

Орбан пак денеска го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека „директно се вмеша“ во унгарската изборна кампања напаѓајќи ја унгарската влада. Тој на Фејсбук објави дека во текот на изминатата недела, политичките напади од Украина достигнале ново ниво.

„Што ќе се случи во Унгарија по парламентарните избори во април зависи од гласачите да утврдат“, изјави Рубио по средбата со Орбан, кој се соочува со можноста да ја изгуби власта по 16 години.

Рубио вчера пристигна во Унгарија од Словачка, каде што исто така беше во официјална посета.