Мицкоски се сретна со Гренел и Зеленски на маргините на конференцијата во Минхен

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на средба со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот Трамп за специјални мисии.

Стратешките односи со САД се темелот на нашата стабилност и економски развој. Ова го изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски по средбата во Минхен со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии на маргините на безбедносната конференција.

Мицкоски изјави дека со Гренел имал одлични разговори.

„​Во време на глобални предизвици, зајакнувањето на ова партнерство е од клучно значење за нашата национална безбедност и економски напредок. Градиме партнерство базирано на взаемна почит, економска соработка и заедничка посветеност на мирот и стабилноста, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски изјави дека говорот на американскиот државен секретар Марко Рубио на безбедносната конференција го смета за „исклучително инспиративно“.

„ Она што тој го порача и беше негова главна порака е дека како партнери и како пријатели треба да продолжиме да соработуваме во светот, и не само во рамките на НАТО алијансата, туку и заедно да ги решаваме сите безбедносни предизвици, но и економски предизвици кои што се исправени пред нас како два различни континента – Европа и Америка“, рече Мицкоски во видео обраќањето на социјалните мрежи.

Видете и ова: Анализа: По говорот на Рубио, Европа воздивнува со олеснување

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски се сретна и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Како што вели, со него разговарал за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè за праведен мир.

„Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа“, напиша на социјалната мрежа Фејбуск.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на средба со унгарскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на безбедносната конференција во Минхен



Тој се сретна и со холандскиот премиер, Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.

Мицкоски вели дека со Схоф имале конструктивен разговор за холандските инвестиции во Македонија, но и соработката со мултинационалната компанија ‘Филипс’ и можноста за соработка во здравствениот сектор, како и евроинтегративните процеси.

Со Тед Дојч разговарале за глобалните безбедносни предизвици и за мирот. На Безбедносната конференција македонската делегација, покрај премиерот е сочинета и од во која покрај премиерот се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.