Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара повеќе западно оружје и за „вистински безбедносни гаранции“, нарекувајќи го рускиот претседател Владимир Путин „роб на војната“ кој ќе ѝ се закани на Европа ако не биде запрен во Украина.
Во говорот одржан напладне на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари, Зеленски рече дека се надева дека новата рунда трилатерални разговори со Русија и САД која ќе се одржи следната недела ќе биде продуктивна. Но, тој посочи дека притисокот на САД за отстапки често е насочен главно кон Киев, а Русија покажа малку знаци дека е подготвена за компромис.
„Никој во Украина не верува дека [Путин] некогаш ќе го пушти нашиот народ, но нема да ги пушти ниту другите европски нации, бидејќи не може да се откаже од самата идеја за војна. Тој можеби се гледа себеси како цар, но во реалноста е роб на војната“, изјави Зеленски.
Речиси четири години од војната во Украина
Говорот на Зеленски се одржа 10 дена пред одбележувањето на четири години од целосната инвазија на Русија врз Украина. Русија со оваа инвазија ја започна најсмртоносната војна во Европа од 1945 година. По четири години војување, бројот на жртви од двете страни заедно се искачи на околу два милиони војници убиени, ранети или исчезнати.
Покрај тоа, Русија уби илјадници украински цивили и речиси секојдневно ја напаѓа енергетската инфраструктура на земјата.
„Нема ниту една електрана во Украина што не е оштетена од руските напади“, рече Зеленски во својот говор.
Со оглед на тоа што американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да посредува во мир откако се врати на функцијата во јануари 2025 година, Зеленски повтори дека силните безбедносни гаранции за Киев се клучен елемент на секој договор.
„Мора да има вистински безбедносни гаранции за Украина и за Европа, силни безбедносни гаранции,“побара Зеленски.
Тој рече дека Украина е подготвена да потпише договори за безбедносни гаранции со САД и Европа и дека тие треба „да дојдат пред каков било договор за прекин на војната“.
„Се надеваме дека претседателот Трамп ќе нè слушне. Се надеваме дека Конгресот ќе нè слушне. Се надеваме дека американскиот народ ќе нè слушне“, рече Зеленски, кој сака договорот за безбедносни гаранции да биде ратификуван од американскиот Конгрес и се сретна со група американски сенатори во Минхен.
Се очекува Зеленски подоцна во текот на денот да се сретне и со американскиот државен секретар Марко Рубио на маргините од годишната конференција, на која ниту еден висок руски функционер не присуствувал откако Путин ја започна целосната инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Во својот говор и други коментари претходно на 14 февруари, Рубио рече дека „прашањата за завршување на војната се стеснети, но лошата вест е дека сега сè се сведува на најтешките прашања“.
Рубио рече дека не сака Русија да ги постигне своите првични воени цели, за кои е широко познато дека вклучувале и покорување на Украина, и дека „сега во голема мера е стеснето на нивната желба да ги земат 20-те проценти од Донецк што моментално не ги поседуваат“.
Видете и ова: Анализа: По говорот на Рубио, Европа воздивнува со олеснувањеПутин и други руски функционери постојано повторуваат дека Москва ќе го освои остатокот од регионот Донецк, една од двете провинции што го сочинуваат Донбас, со сила или преку дипломатија.
Зеленски укажа на огромните загуби што Русија ги претрпе во тие напори, велејќи дека „на фронтот Донецк цената што Русија ја плаќа за еден километар е 156 војници“.
Тој рече дека 35.000 руски војници биле убиени или тешко ранети во декември и 30.000 во јануари.
„Путин не е загрижен за ова сега, но постои ниво на кое ќе почне да се грижи. Секој месец Русија мобилизира околу 40.000 луѓе. За нашата армија мисијата е јасна: да уништи повеќе руски окупатори. Целта е најмалку 50.000 месечно“, изјави Зеленски.
Русија сега „губи многу повеќе [човечка сила] отколку што може да надополни“, изјави холандскиот премиер Дик Шуф за РСЕ/РЛ во Минхен.
Тој рече дека западните земји треба да ги „забрзаат“ испораките на воздушна одбрана и друго оружје и дека се надева дека „украинските сили ќе можат повеќе да ја потиснат Русија“ во блиска иднина.
Со оглед на тоа што третата рунда разговори меѓу САД, Украина и Русија е закажана за одржување во Женева на 17 и 18 февруари, Зеленски рече дека Киев се надева дека состаноците „ќе бидат сериозни, суштински, корисни за сите нас“, но додаде дека „искрено, понекогаш се чувствува како страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Русија повторува барања што се неприфатливи за Киев, посочи тој, додека „Американците често се враќаат на темата за отстапки, а премногу често тие отстапки се дискутираат само во контекст на Украина, а не на Русија. Европа практично не е присутна на масата. Според мене, ова е голема грешка“.
Неколку пати во текот на изминатата година, Трамп посочи дека одговорноста е главно на Украина да преземе чекори потребни за постигнување мировен договор, а критичарите... „Русија сака да склучи договор и Зеленски ќе мора да дејствува, во спротивно ќе пропушти одлична можност“, им рече тој на новинарите пред Белата куќа на 13 февруари.