Членовите на Собранието на Косово го конституираа Собранието и избраа нова Влада, која повторно ќе ја предводи премиерот Абин Курти, само два дена откако беа потврдени резултатите од вонредните парламентарни избори одржани на 28 декември.
Со положувањето заклетва на Курти за премиер, Косово доби нови институции, откако речиси целата последна година по изборите во февруари имаше Влада со технички мандат и Собрание кое беше речиси целосно нефункционално, што доведе до вонредните избори во декември.
Претходно Албулена Хаџиу од движењето „Самоопределување“ е избрана за претседателка на Собранието на Косово, кое пак претходно на 11 февруари избра и петмина потпретседатели на Собранието и ги верификува мандатите на пратениците.
За изборот на Хаџиу гласаа 66 пратеници, 44 беа против, а осум беа воздржани.
Таа кажа дека нејзина главна задача ќе биде да обезбеди Собранието да функционира достоинствено и во согласност со законите и со Уставот.
„Функционално Собрание е предуслов за силна држава и за стабилна демократија. Денес, во оваа сала, имаме заедничка задача: чесно да им служиме на граѓаните. Имаме разлики, но имаме и заеднички одговорности“, рече Хаџиу.
Според Уставот на Косово, претседателот - во овој случај Вјоса Османи – го предлага мандатарот за состав на Влада, по предлог на партијата или коалицијата што има мнозинство во Собранието.
Османи го именуваше лидерот на движењето „Самоопределување“, Албин Курти, за мандатар за формирање нова влада.
Видете и ова:
Косово во нова политичка сезона - избори, предизвици и очекувањаКандидатот за премиер мора, во рок од 15 дена од назначувањето, да го презентира составот на Владата и да побара одобрение од пратениците.
Владата се смета за избрана ако обезбеди најмалку 61 глас или мнозинство од сите пратеници во Собранието.
Победничката партија, движењето „Самоопределување“, има 57 пратеници. Се очекува кабинетот на Албин Курти да добие поддршка и од неколку пратеници од несрпските заедници, од кои вкупно има десет.
За време на конституирањето на претходниот состав на Собранието на Косово имаше многу неизвесности.
Поради тоа, партиите во неколку наврати се обраќаа до Уставниот суд, кој утврди дека седницата мора да биде завршена во рок од 30 дена и дека се смета за завршена со изборот на претседател и пет потпретседатели на Собранието – три од најголемите албански партии и двајца од немнозинските заедници, од кои еден од српската заедница и еден од другите немнозински заедници.
За избор на претседател и потпретседатели на Собранието потребни се 61 глас од вкупно 120 пратеници.