Постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанци за кои на територија на ЕУ е утврдено дека се штетни по здравјето, а истите да не се забранети на територијата на нашата држава, предупредува Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за ревизија на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Причината за ваквата состојбата е тоа што листата на забранети супстанции во козметичките производи не е ажурирана ниту една еднаш од нејзиното донесување во 2010 година и не ја следи праксата на Европската Унија (ЕУ).
Како што посочуваат од ДЗР, согласно членот 5 од Законот за безбедност на козметичките производи, во 2010 година Министерството за здравство има донесено листа на супстанции што не смеат да бидат користени во овие производи.
Како забранети, делумно забранети или времено дозволени во листата се наведени околу 1 600 супстанции. Оттогаш до денот на ревизијата оваа листа ниту еднаш не е ажурирана, нотира државниот ревизор.
Според ДЗР, недостатоци има и при испитувањето на квалитетот и исправноста на козметичките производи.
„Согласно информациите добиени од Инспекторатот, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) врши само ограничен број анализи и тоа: микробиолошка исправност на производите, определување на содржина на само неколку тешки метали (кадмиум, олово, никел и хром), pH-вредност и определување на содржина на површинско активни материи“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Видете и ова: Нема казна за увозникот на небезбедно пилешко месо од БразилПонатаму се посочува дека во рамки на државните лаборатории не се обезбедени услови и техничка опременост за испитување на сите забранети супстанци во козметичките производи, а ниту една лабораторија нема опрема за испитување на забранети супстанци (фталати и бор) во детските играчки кои се увезуваат и пуштаат во промет на територијата на државата.
„Имајќи го предвид наведеното, ревизијата истакнува дека е потребно Министерство за здравство, во соработка со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Центрите за јавно здравје (ЦЈЗ) да преземат активности за опремување на лаборатории со соодветна опрема со која ќе се овозможи испитување на што поголем број забранети и штетни супстанци во производите и оневозможување истите да бидат пуштени во промет во државата“, се вели во извештајот.
Ревизорот нотира и други слабости во однос на инспекциските надзори што ги спроведува Државниот санитарен и здравствен инспекторат, поврзани со фактурите и здравствените сертификати.
Според ДЗР, овие документи се на повеќе странски јазици, што создава ризик инспекторите да не ја разберат во целост нивната содржина и да одобрат увоз на стоки без целосно потврдена веродостојност и здравствена безбедност.
Државниот ревизор утврдил и дека повеќе од 90 отсто од документацијата на субјектите што биле предмет на надзор од Инспекторатот не се архивски заверени и потпишани.
Инспекторатот веќе постапува по забелешките и препораките
По ваквиот извештај од Заводот за ревизија, Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираше дека веќе постапува по констатираните забелешки и препораки.
Имено во делот на забелешките кои се однесуваат на инспекциските надзори, кои се од техничка природа, дадени се насоки до сите подрачни одделенија овие забелешки во иднина да бидат корегирани – соопшти Инспекторатот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Санитарниот инспекторат со преполовена екипираност ги контролира болниците
Оттаму во денешното соопштение, додаваат и дека во однос за забелешките за одделението за човечки ресурси, во тек е комплетирање на документацијата.
Во делот на материјално сметковотствено работење, забелешките се од административно техничка природа и имајки во предвид дека ДСЗИ од 01.01.2025год. е орган во состав на Миниството за здравство, веќе се превземени мерки за отстранување на конститарините администрстивни забелешки, се посочува во соопштението.
Инспекторатот посочува и дека во однос на постапката за увоз на детски играчки, козметички производи и предемети за општа употреба и забелешката за сертификатите за безбедност кои се приложуваат при увоз, веќе се отпочнати иницијални преговори со релевантните чинители за изнаоѓање на „заедничко прифатливо решение со цел да се надмине овој проблем“.