Родителите на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на денешното судско рочиште изнесоа сознанија дека еден од обвинетите за „Пулс“, кој е во притвор во затворот во Скопје по телефон вршел притисок врз сведоците на Обвинителството, и побараа тие да се проверат.
На денешното рочиште во судницата во Идризово, беа сослушани четворица сведоци, двајца пожарникари кои учествувале во гаснењето на пожарот кобната ноќ, како и двајца сведоци кои биле гости во дискотеката кога избувнал пожарот.
Противпожарниот тим, како што посочија, дојавата за пожар во дискотеката Пулс во Кочани ја примил во 2:35 часот, а пожарот бил изгаснат околу 4 часот.
Трет сведок на денешното рочиште беше Сара Велинова, која кобната вечер била во дискотеката Пулс со друштво. Таа во диското влегла во 1:50 часот. На влезот купила карта, без да и биде издадена фискална, по што влегла во дискотеката без да и биде побарана лична карта од обезбедувањето.
„Бев излезена надвор на цигара, кога се вратив бев до тоалет, но имаше гужва и се вратив на маса. Тогаш дојде едно лице, ни рече да излеземе надвор зошто се запалил плафонот и дека за кратко ќе се вратиме назад. Кога ни кажаа, јас погледнав и плафонот веќе беше запален до средина. Тргнавме кон излезот, но се направи гужва и веќе пред вратата настана стампедо. Јас паднав доле и повеќе не се сеќавам. Кога се освестив, веќе бев надвор на паркинг и забележав полиција и пожарна како помагаат“, изјави сведокот.
Се стекнала со повреди на грбот, колкот и ногата, а следниот ден, кога станала имала модра уста и јазик и отежнато дишење, по што се упатила на лекување во Скопје. Преднајави оштетно побарување и се приклучи на кривичниот прогон.
Одбраната реагираше дека овој сведок презентира изјава со невообичаено добра меморија и во исказот се совпаѓа со претходните сведоци.
„Не може сите да се сеќаваат на спуштен плафон, над 500 гости, стампедо и други исти околности“, посочија од одбраната.
Одбраната, како што посочи адвокатката на сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, има сознанија дека секој сведок пред сослушување се повикува во Обвинителството и му се предочува записникот да го зборува истото, а единствениот сведок што зборувал отворено, јавно го линчуваа.
На прашање од одбраната, дали во Обвинителството кажала дека во дискотеката чула "силна експлозија и густ чад", сведокот рече да.
„Само слушнав, не осетив од каде доаѓа. Почувствував црн густ чад и дури мислам дека од тоа се онесвестив после“, изјави сведокот.
Видете и ова: Случај „Пулс“: Пиротехника се користела и претходно, имало и контроли, но забавата не била прекинуванаПоследен денеска сведочеше Бранислав Веселинов, кој на критичната вечер бил во дискотеката заедно со друштво, рече дека пристигнал околу 1 часот, купил карта и влегол во дискотеката.
- Имавме резервирано маса, трета на самиот влез право. Групата ДНК започна околу 1 и 30. Кога започна пожарот околу 2:30 јас бев свртен со грб. Слушнав како еден од ДНК кажа да излегуваме надвор, ќе се вратиме. Јас го земав палтото од масото и се упатив кон влезот. Тогаш видов дека има пожар и црн чад. Настана стампедо од сите страни почнаа да доаѓаат кај вратата сите паднавме. Тука се заглавивме, јас паднав. Врз мене паѓаа и други лица. Потоа во еден момент ми се ослободи ногата, ми подаде река едно дете што ми беше потоа цимер во болница и станав. Излегов и застанав доле. Почнав да се тресам и слабо гледав од чадот и седнав подоле“, изјави сведокот.
Сведокот преднајави оштетно побарување и дека се приклучува на кривичен прогон.
Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевски и се наоѓа во доказна постапка со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.
Пред почетокот на денешното рочиште, родителите во изјава за медиумите реагираа дека имаат сознанија дека еден од обвинетите, кој се наоѓа на одржувања мерка притвор во затворот во Скопје му дава на користење телефон на лицето Тодор Јованов, кој преку вибер комуникација врши притисок врз сведоците на Обвинителството.
„Ги повикуваме надлежните служби да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон. Ние родителите на овие млади убиени деца нема да дозволиме овојпат вистината да остане затскриена“, изјави една од мајките.
Адвокатот Еленко Миланов, на паузата на денешното рочиште, во изјава за медиумите повторно реагираше дека судењето продолжува без Обвинителството воопшто да се произнесе по она што се случуваше со правната квалификација којашто е применета за дел од полициските службеници и запирањето на постапката во однос на сите оние службеници за кои има застареност по член 353 за евентуално злоупотреба.
„Основното јавно обвинителство Кочани, треба да се обрати и да побара мислење за понатамошното постапување во врска со ваквата поставеност на нивниот обвинителен акт. Без оглед на тоа постои можност, ќе се обратиме до Републичкото јавно обвинителство“, изјави Миланов.
Адвокатката на обвинетиот сопственик на објектот, Гроздан Милковски, реагираше дека тој тешко го следи судењето и треба да му биде укажана медицинска помош.
„Уште од утрината се жали и не може да го следи судењето“, изјави адвокатката Лидија Ристовска.
Судот, даде кратка пауза, по што беше сослушан уште еден сведок и денешното рочиште беше прекинато, а последниот сведок беше префрлен за следното рочиште кое е закажано за 19 февруари, за кога се повикани и пет сведоци.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.