НАТО повика на „одговорност и воздржаност“ откако истече договорот „Нов СТАРТ“ меѓу САД и Русија, со кој се наметнуваат ограничувања на нивните нуклеарни арсенали, зголемувајќи ги стравувањата од нова трка во вооружување.
„Воздржаноста и одговорноста во нуклеарната сфера се клучни за глобалната безбедност“, изјави за АФП официјален претставник од воената алијанса предводена од САД, под услов да остане анонимен.
Официјалниот претставник рече дека Русија и Кина ги зголемуваат своите нуклеарни капацитети и дека НАТО „ќе продолжи да презема неопходни чекори“ за да ја обезбеди сопствената одбрана.
„Неодговорната нуклеарна реторика на Русија и принудното нуклеарно сигнализирање покажуваат став на стратешко заплашување“, рече официјален претставник.
Видете и ова: Договорот за ограничување на нуклеарното оружје на Русија и САД е пред истекување. Што ќе се случи потоа?Тој додаде дека во меѓувреме, „Кина продолжува брзо да го проширува и диверзифицира својот нуклеарен арсенал со повеќе боеви глави и поголем број софистицирани системи за испорака“.
Кремљ во четврток изјави дека жали за истекот на последниот договор што ги регулира нуклеарните арсенали на Русија и САД и го нарече негативен чекор.
Вашингтон изјави дека секој нов нуклеарен договор ќе мора да ја вклучи Кина, но меѓународните напори да се охрабри Пекинг да се приклучи на нови разговори досега не успеаја.