Путин му порача на Си дека сојузот Москва-Пекинг се „стабилизира“

Кинескиот и рускиот претседател Си Џинпинг и Владимир Путин

Рускиот лидер Владимир Путин ги пофали економските, политичките и безбедносните односи на Москва со Пекинг како „стабилизирачки“ фактор во турбулентните времиња ширум светот, во видео разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг во среда, 4 февруари.

Москва и Пекинг се обидоа да презентираат обединет фронт против Западот, а односите се продлабочуваат по руската офанзива во Украина во 2022 година.

Разговорот доаѓа неколку дена откако високи функционери од двете земји се согласија дека односите би можеле да „се подигнат на нов степен“ оваа година, бидејќи Москва и Пекинг ја зајакнуваат економската соработка.

„Во услови на растечки турбуленции, надворешнополитичкиот сојуз меѓу Москва и Пекинг останува важен стабилизирачки фактор“, му рече Путин на Си во видео емитувано на руската државна телевизија.

„Руско-кинеското сеопфатно партнерство и стратешката соработка се примерни“, рече Путин, обраќајќи му се на Си како „драг пријател“.

Путин ги пофали трговските односи, при што Москва го пренасочи својот извоз кон Азија откако западните земји воведоа огромни санкции врз Русија поради офанзивата на Кремљ во Украина.

Видете и ова: Може ли Европа да ја притисне Кина да помогне да се заврши војната во Украина?

Кина никогаш не ја осуди војната на Русија, ниту побара од неа да повлече трупи, а многу од сојузниците на Украина веруваат дека Пекинг ѝ дал поддршка на Москва.

Видеоповикот се одржа додека руските, украинските и американските преговарачи се состанаа во Абу Даби на уште една рунда разговори за ставање крај на речиси четиригодишната војна.

Но, Путин не ја споменал Украина за време на разговорот со Си.

Двајцата лидери последен пат се сретнаа лично во септември, кога рускиот лидер присуствуваше на масовната воена парада во Пекинг.

Си ја посети и Москва минатата година, во мај, за прославите на Русија за победата над нацистите во Втората светска војна.

Минатиот викенд, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји се сретна со шефот за безбедност на Русија Сергеј Шојгу во Пекинг.

Според кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг му рекол на Шојгу дека Кина и Русија мора да работат заедно за да го одржат мултилатерализмот во време на „превирања“ и „да се залагаат за рамноправен и уреден мултиполарен свет“.