Мицкоски подготвен за средба со синдикатот и потпишување на договорот за државните службеници

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека е подготвен за средба со синдикатот и финализирање на колективниот договор за државните службеници. Тој нагласи дека услов за преговорите е отстранување на делот за плати од Општиот колективен договор, кој, како што посочи, е збунувачки и бара дополнителни преговори.

„Јас сум секогаш подготвен за средба. Можеме да договориме средба и немаше потреба од јавни коментари, бидејќи ова јас го предложив уште минатата година. Сега, бидејќи 2025 е зад нас, остануваат три години, односно до април 2026, 2027 и 2028 година. Условот е да се согласи синдикатот да се тргне делот за плати кој е збунувачки и да се финализира договорот“, изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека оваа понуда е на маса веќе една година и дека неговиот став не се променил.

„Со тоа Владата ги регулира односите со своите колеги, односно со административните службеници. Со сите останати имаме договор, додаде Мицкоски, по означувањето на почетокот на изградба на булеварот „Македонија“ кај хотелот Лимак во Скопје.

Видете и ова: Синдикален марш за 600 евра минимална плата

Мицкоски претходно повтори дека Владата е подготвена да ги зголеми платите за околу 7.800 државни службеници и административци за 40 отсто во период од две години и два месеци, со цел да се реши долгогодишниот проблем со ниските примања во јавната администрација.

Тој истакна дека оваа понуда е на маса веќе една година и дека Владата е отворена за средба со синдикатот и потпишување на колективниот договор, но со услов да се тргне делот за плати од Општиот колективен договор кој, според него, е збунувачки и бара дополнителни преговори.

Од друга страна, претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, потврди дека ова е нивно барање уште од 2025 година и дека предлогот за покачување на платите бил прифатлив уште тогаш.

Тој нагласи дека нема да се чека повеќе и дека синдикатот е подготвен да се потпише договорот кога ќе им одговара на премиерот и министрите.