Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), поради сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластување, на начин што ѝ овозможил на една нафтена компанија незаконски да продолжи со работа повеќе од една година.
Како што информираат од Финансиска полиција, Бислимовски иако бил законски обврзан, не и ја одземал лиценцата за работа на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, која не ги исполнувала условите за вршење енергетска дејност.
„Наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024 година, истата е одземена дури на 14.04.2025 година, со што ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавни набавки“, се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.
Видете и ова: Лукоил на „црна листа“ за тендери во Северна МакедонијаОттаму наведуваат дека со ваквото постапување, „Тритерол Петрол“ остварила вкупен промет од над 194,5 милиони денари, а стекнала и противправна имотна корист од околу 14,1 милион денари.
Во ноември лани Финансиската полиција поднесе кривична пријава против лицата Љ.П. и З.А. во својство на управители на правното лице „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, како и против самото правно лице, поради сомнение за сторени кривични дела „Фалсификување исправа“ и „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“ од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија.