Достапни линкови

Лукоил на „црна листа“ за тендери во Северна Македонија


Бензинска станица на „Лукоил“ во Москва - архива
Бензинска станица на „Лукоил“ во Москва - архива

Резиме

  • „Лукоил Македонија“ е исклучена од јавните набавки во Северна Македонија до јуни 2026 година.
  • Негативната референца ја доби од Министерството за одбрана за неиспорачена банкарска гаранција на веќе склучен договор
  • Компанијата во својата жалба наведува дека не успеала да ја обезбеди поради безбедносни и регулаторни причини поврзани со санкциите на ОФАК, иако било дозволено со генералните лиценци.

Министерството за одбрана ѝ издаде негативна референца на „Лукоил Македонија“, што резултира со шестомесечна забрана за учество на тендери. Оваа мерка директно ја спречува нафтената компанија да се натпреварува на јавни набавки објавени од училишта, општини и државни институции.

Бирото за јавни набавки објави дека негативната референца стапила на сила на 17 декември и ќе трае во следните шест месеци, односно до 17 јуни 2026 година.

Причината за ваквата одлука на Министерството за одбрана е тоа што „Лукоил Македонија“ иако го потпишала договорот како најповолен понудувач за дел од јавната набавка на масла, масти и течности за моторни возила и вооружување, не обезбедила банкарска гаранција.

Вакво барање било предвидено и во самиот оглас за јавната набавка, велат од Министерството за одбрана за РСЕ.

„По донесувањето на одлуката за избор, изготвен е договор за јавна набавка, во кој соодветно на огласот, тендерската документација и моделот на договор објавени на Електронскиот систем за јавни набавки, компанијата имаше обврска да достави банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот. Истата не беше доставена во предвидениот рок, по што договорниот орган донесе одлука со која се издаде негативна референца“, одговорија од одбрана.

Како што велат од Министерството, „Лукоил“ доставил известување дека не е во можност да достави банкарска гаранција согласно со потпишаниот договор.

„Компанијата „Лукоил“ во законскиот рок вложи жалба против одлуката со која е издадена негативна референца, а за која Државната комисија за жалби по јавни набавки донесе решение со кое жалбата на жалителот се одбива поради неоснованост и ја потврдува одлуката на договорниот орган“, рекоа од Одбрана.

Одлука на Државната комисија за жалби по јавни набавки за жалбата на „Лукоил Македонија“
Одлука на Државната комисија за жалби по јавни набавки за жалбата на „Лукоил Македонија“

Во жалбата на компанијата пред Државната комисија за жалби по јавни набавки за добиената негативна референца за учество на тендери пишува дека „е резултат на американските санкции кон руската компанија, што се одразило и на македонската подружница“.

Одбиено издавање на банкарска гаранција поради „безбедносни и регулаторни причини“

На 20 октомври 2025 година, понудата на „Лукоил Македонија“ за дел од тендерот е избрана како најповолна.

Но, само два дена подоцна, Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД (ОФАК) го внесе „Лукоил“ на Списокот на специјално назначени државјани и блокирани лица (Specially Designated Nationals and Blocked Persons – “SDN” List) согласно извршната наредба за работење во енергетскиот сектор на руската економија.

Подоцна Комерцијална банка не издала банкарска гаранција на барање на Лукоил, за која е наведено дека се повикала на безбедносни и регулаторни причини.

Како што наведува во жалбата и македонската подружница на „Лукоил“, согласно „Правилото од 50 проценти“ на ОФАК, ограничувањата за блокирање на „Лукоил“ исто така се применува на сите субјекти кои се во сопственост 50% или повеќе, индивидуално или заедно, на едно или повеќе лица од СДН-листата.

„Ова правило го опфаќа и „Лукоил Македонија ДООЕЛ Скопје“ како субјект кој што е во 100% директна сопственост на „Лукоил Интернешнал Гмбх“, субјект од СДН-листата. Затоа, и „Лукоил Македонија“ исто така подлежи на истите рестрикциски ограничувања (забрана за финансиски трансакции и услуги)“, пишува во жалбата на „Лукоил Македонија“.

Жалба од Лукоил, се повикува на генерални лиценци

Дополнително, „Лукоил Македонија“ посочува дека паралелно со санкциите, ОФАК издал и Генерални лиценци со кои во роковите за примена на санкциите кои биле продолжени до 13.12.2025 година, „се дозволува извршување на одредени трансакции што се вообичаено инцидентни и неопходни за купување стоки и услуги од или за одржување, работење или затворање на продажните канали на Лукоил лоцирани надвор од Руската Федерација“.

„И покрај наведените генерални лиценци и продолжени рокови, одредени финансиски трансакции и услуги беа одбиени во овој период“, пишува „Лукоил Македонија“ во жалбата.

Од компанијата посочуваат и дека причината поради која „Лукоил Македонија“ не можела да добие банкарска гаранција е околност која не можела да биде предвидена, да се избегне или отстрани и која не зависи од нејзината волја и дека е виша сила.

Македонската подружница на руската нафтена компанија се обидела банкарската гаранција да ја замени со депозит.

Но, Министерството за одбрана го одбило ваквиот предлог, напоменувајќи дека е спротивно на Законот за јавни набавки. Неговата одлука ја потврдила и Државната комисија за жалби по јавни набавки.

„Доколку дојде до наплата на банкарската гаранција на понудата, односно до прекршување на изјавата за сериозност на понудата, договорниот орган објавува негативна референца што резултира со исклучување на предметниот понудувач од сите идни постапки за јавни набавки во период од шест месеци од денот на објавувањето“, стои во одлуката на Државната комисија.

Од „Лукоил Македонија“ не одговорија на прашањата на РСЕ за неможноста за појавување на јавни набавки во Северна Македонија.

Лукоил и натаму е на продажба

Нафтениот гигант „Лукоил“ на 27 октомври 2025 објави дека планира да го продаде имотот надвор од Русија, по воведените американски санкции против компанијата, како притисок на САД врз Москва поради војната во Украина.

Американската агенција ОФАК издаде општа лиценца до 17 јануари што им овозможува на компаниите да преговараат и да извршуваат трансакции неопходни за продажба на меѓународните активи на руската нафтена компанија. Лиценцата има за цел да му овозможи на „Лукоил“ да го продаде својот имот надвор од Русија на неблокирани страни, обид што започна откако компанијата беше означена под санкции на САД.

Сите договори склучени според оваа лиценца мора да бидат изрично условени од добивање посебно, специфично овластување од ОФАК за фактичко спроведување на продажбата.

Заострувањето на санкциите врз рускиот нафтен сектор следеше по месеци напори на Трамп да ја заврши војната во Украина, што вклучуваше и средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во август.

„Лукоил“, со седиште во Москва, учествува со околу 2% во глобалното производство на нафта.

Компанијата е присутна со свои бензински станици во Северна Македонија и други земји од Западен Балкан – Србија и Црна Гора, но и во Бугарија и Романија каде има и рафинерии. Бензински станици Лукоил има и во Хрватска.

Македонската подружница на Лукоил“ поседува мрежа од 40 бензински станици и еден нафтен склад. Првата бензиска станица во земјава започна со работа во 2006- тата година.

Северна Македонија е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително рестриктивните мерки против Русија поради агресијата врз Украина.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG