Сѐ повеќе заболени од рак на грлото на матката

Фотоархива: Гинеколошка ординација

Расте бројот на заболени од рак на грлото на матката. Во 2025 година, на Клиниката за онкологија во Скопје бројот на новодијагностицирани е речиси дуплиран во споредба со претходната.

Најновата епидемиолошка статистика на оваа клиника покажува дека лани за првпат со оваа дијагноза се јавиле 122 пациентки, за разлика од 2024, кога имало само 74 пациентки.

Овие наоди, денеска (23 јануари) беа соопштени по повод одбележувањето на Неделата за подигнување на свеста за борбата против ракот на грлото на матката.

Претседателот на Македонското лекарско друштво и на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, проф.д-р Горан Димитров рече дека новата метода што е во скринингот и која според Светската здравствена организација би требале да ја применуваат веќе сите земји од 2030 година е ХПВ тестот.

Видете и ова: Со „Мој термин“ ќе се следи детскиот развој, патронажната служба и здравјето на работниците

Според него, овој тест, е примарно средство за скринирање на ракот на грлото на матката.

„Втората работа е дека тие што ќе ги откриеме треба да ги третираме, за тоа имаме персонал, имаме изучен кадар, така што подготвени сме кога би можеле да прејдеме на таков приод во скринирањето, да направиме скринингот на жените во нашата Република оди во најдобар можен ред“, истакна д-р Димитров.

Директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и претседател на Комисијата за превенција на цервикален карцином, проф.д-р Ирена Алексиоска-Папестиев истакна дека според последните податоци од клиничката студија, изработена од Институтот за епидемиологија, за период од 2016 до 2023 година за жал, сѐ уште овој превентибилен карцином кај нас претставува сериозен проблем, поради тоа што во тој период биле дијагностицирани 2.263 пациентки.

„Повеќе загрижува што кај сѐ помлади пациентки се јавува. Најмладите пациентки се на 18 годишна возраст, дијагностицирани 2017 и 2020 година и средната возраст е некаде 55 години“, рече д-р Алексиоска Папестиев.

Другата работа која загрижува, според неа, е тоа што 24 отсто од пациентките починале, иако се работи за карцином кој е превентибилен.

Видете и ова: Над 10 милиони евра за превенција од болести, а се повеќе болни

Директорката на ГАК посочи дека конечно ги имаат резултатите од пилот студијата за ефикасноста на ХПВ базираниот скрининг, затоа што навистина резултатите покажале дека тоа како и што светот го говори, всушност е најсофистицираниот метод.

„Како резултат на тоа, работна група во рамки на Комисијата за превенција на цервикален карцином изготви упатство во кое ние даваме предлог како гинеколози, а беа вклучени и патолог и онколог и епидемиолог, кој е најдобриот начин за конечно ХПВ базираниот скрининг да стане примарно помагало за откривање на овој превентабилен карцином“, додаде проф.д-р Алексиоска Папестиев.

Раководителката на Одделението за малигни генитални тумори кај жената на Клиниката за радиотерапија и онкологија, проф.д-р Виолета Клисаровска рече дека висок процент од овие пациентки се јавуваат во локално напредната болест.

Таа посочи дека најсилното и најмоќното оружје кое го имаме за превенција во борба со оваа болест е ХПВ вакцинацијата, што поширока популација да биде благовремено вакцинирана, регуларен скрининг програм кој сериозно треба да се спроведува и да опфати што поширок дел од популацијата.

Националниот координатор за имунизација, проф.д-р Александра Грозданова рече дека 2025 година ја одбележале со комплетно преоѓање на деветвалентната ХПВ вакцина и ја вовеле таа вакцина и за момчињата.

Ако досега товарот беше и фокусот беше ставен само на девојките, појасни таа, сега имаме имунизација и за момчињата.

„Веќе има 60 отсто опфат со оваа вакцина, бидејќи долги години наназад не можевме да стигнеме до овој процент. Во регионот сме меѓу лидерите, бидејќи и првпат меѓу првите ја воведовме ХПВ вакцината. Го зголемивме и временскиот период кога оваа вакцина може да се прима затоа што родителите најчесто немаа против, меѓутоа и ја одложуваа временски оваа вакцина“, рече д-р Грозданова.

На товар на државата се вакцинираат сите момчиња и девојчиња до 19 годишна возраст.

„Во пораст е и орофаренгиалниот карцином за која оваа вакцина исто така обезбедува заштита“, додаде д-р Грозданова.

Специјалистот патолог и раководител на Цитолошката лабораторија на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Верди Станојевиќ рече дека според податоците за 2025 година, од 60.000 пап тестови, 2.500 биле со позитивен наод.

Видете и ова: Во Скопје расте бројот на вакцинирани против ХПВ


Посочи дека запрепастувачко е што имаат осум пациентки со инвазивен карцином.

„Значи кога ќе откриете инвазивен карцином на пап тест тоа е значи многу напредна фаза. Тоа се пациенти кои веројатно долго време не биле на контрола“, додаде д-р Станојевиќ.

Јованка Брајовиќ Григоријевиќ од УНФПА рече дека образованието во рана возраст е дел од тој цел циклус на универзална здравствена покриеност и постигнување на сите на потенцијалот и на младите и на возрасните и на постарите лица.

„Покрај одредени предизвици во изминатиот период, гледано значи години наназад постепено има напредок. Работиме на збогатување на ЕДУИНО платформата со содржини, материјали од домен на сексуално образование. Ќе продолжиме да го поддржуваме тој процес, да се направи пристапот до информации и за младите и за наставниците полесен и согласно стандарди коишто се препорачани од УНЕСКО и другите меѓународни релевантни организации“, додаде Брајовиќ Григоријевиќ.