По бојкотот на работата во ноември поради задоцнетата исплата на платите, вработените во АД „Македонска пошта“ денеска (23 јануари) протестираа низ целата државата. Пробивањето на рокот за исплата и на последната плата го зголеми револтот кај нив и најавија можен штрајк.
Претседателот на Синдикалната организација на „Пошта“, Сашо Димитриевски најави дека доколку до средината на следниот месец повторно им доцни платата тие ќе застанат со работа, за што ќе го известат и Управниот одбор.
„Тоа не значи дека понатака нема да преземеме поригорозни чекори и да започнеме со штрајк“, додаде Димитриевски.
Од вкупно 1700 вработени, шеесетина отсто работат за минималец. Меѓу нив, е и скопјанката Сузана Мрмова која во Пошта работи 35 години. За Радио Слободна Европа, претходно таа раскажа дека проблемот се провлекува од месец во месец, а таа и нејзините колеги живеат во страв и финансиска неизвесност.
„Како ќе ги платиме сметките? Треба да се купи. Овде има баби, треба да купат нешто на внучињата. Има родители со студенти, треба да се плати година, семестар. Храна треба да се купи, сметки треба да се платат. Како доаѓаме на работа, никој не нѐ прашува со кои средства стигнуваме до работа. Трчаме пешки по автобуси. А ние работиме ревносно, одговорно, се плашиме за нашата работа, да не ја изгубиме“, рече Мрмова за РСЕ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Култната шалтер сала на Пошта, илустрација за пропаѓањето на ова претпријатие
Вработените во Пошта, на денешниот протест добија поддршка и од Сојузот на синдикати на Македонија, чиј лидер, Слободан Трендафилов рече дека тие освен плата, бараат и соодветна опрема за работа.
„Овие луѓе се оставени во најдолгиот месец без плата од страна на раководството. Луѓето повеќе од 45 дена се без апсолутно никакви приходи“, реагираше Трендафилов.
Одговарајќи на новинарско прашање, што доколку не ја добијат платата денеска, тој рече дека сите ќе бидат излезени пред поштите и нема да ги вршат работните задачи бидејќи „без плата нема работа“.
Радио Слободна Европа и претходно пишуваше за напластените проблеми во ова акционерско друштво, кое постојано е во долгови.
Бројот на поштари не е доволен за пратките да стигнат навремено до граѓаните, но директорот, Орхан Куртиши признава дека бројот на административци е преголем, а препораките на ЕУ се тој да биде намален.
Видете и ова: Пратките на граѓаните доцнат, исто како и реформите во „Пошта“Во изјава за Радио Слободна Европа, Куртиши претходно рече дека до крајот на овој месец ќе заврши и новата систематизација.
„Точно ќе видиме колку ни се потребни работни места, колку ни се потребни вработени, бидејќи има дуплифицирани позиции кои реално не ни се потребни. Значи имаме преголем број на администрација и препораките на Европа се да го намалиме тој број. Околу 33% треба да се намали од 9 до 12%. Се обидуваме да најдеме решение и се обидуваме и во делот на платите да обрнеме внимание бидејќи реално сме со најниските плати во другите институции во државата“, додаде посочи Куртиши.
По денешниот протест пристигна реакција од „Македонска пошта“ од каде во писмено соопштение тврдат дека е обезбедена плата за сите вработени.
-Крајно тенденциозно и несериозно е организирањето штрајк од страна на еден од Синдикатот на вработените во „Македонска пошта“ во услови кога за сите вработени платата е веќе обезбедена. Од тие причини веруваме дека штрајкот е политички мотивиран, а вработените се манипулирани, со што се нарушува нормалното функционирање на претпријатието - порачуваат од „Македонска пошта“.
Инаку, вработените во АД „Пошта“ сочинуваат околу 61 процент од вкупниот број на лица вработени во поштенскиот пазар кој брои вкупно 2,744 вработени.
Овие податоци објавени од Агенцијата за пошти во 2024 година, покажуваат дека споредено со 2023 година, бројот на вработени во АД „Пошта“ се намалил за околу 7,6 отсто.