Руте вели дека работи „зад сцена“ на прашањето за Гренланд

Марк Руте, генерален секретар на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека единствениот начин за решавање на кризата околу Гренланд е „промислена дипломатија“ и дека работи „зад сцената“ за ова прашање.

Шефот на Организацијата на Северноатлантскиот договор, кој учествува на Светскиот економски форум во Давос, одби да коментира за намерите на американскиот претседател да го преземе островот, велејќи дека дипломатијата е поважна од јавните настапи.

„Можете да бидете сигурни дека работам зад сцената за ова прашање“, рече генералниот секретар на НАТО за време на панел во Давос.

Тој повтори дека нема да даде јавна изјава, бидејќи, според него, „единствениот начин за решавање на кризата е промислена дипломатија“.

Марк Руте е исто така единствениот лидер за кого има потврда дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на Форумот во Давос.

Видете и ова: Замрзнати амбиции: Зошто САД сакаат да го земат Гренланд?

Зборувајќи на панелот, Руте нагласи дека Соединетите Држави остануваат посветени на Алијансата, но додаде дека на Америка ѝ е потребна „безбедна Европа и безбеден Арктик“.

Тој додаде дека се согласува со американскиот претседател по прашањето за Арктикот.

„Мораме да го заштитиме Арктикот од руско и кинеско влијание“, рече Марк Руте.

Гренланд, најголемиот остров во светот со околу 57.000 жители, не е независна членка на НАТО, но е вклучена во членството на Данска во таа воена алијанса. Обидот за преземање на Гренланд би претставувал прв случај во историјата на НАТО еден сојузник да ја загрози територијата на друг член на Алијансата.