Србија повторно не се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија и Белорусија

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас

Србија не се усогласи со ниту една одлука на Европската Унија (ЕУ) поврзана со санкциите воведени поради војната во Украина и дејствијата на Русија.

Во декларациите објавени од високата претставничка на Европската Унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Каја Калас, се наведува дека одлуките се однесуваат на четири пакети рестриктивни мерки: оние што се однесуваат на дејствијата на Русија што ја дестабилизираат ситуацијата во Украина, ситуацијата во Русија, повторените дејствија на Русија што ја дестабилизираат ситуацијата во Украина, како и вмешаноста на Белорусија во руската агресија против Украина.

Овие одлуки се донесени во текот на декември 2025 година.

Сите други земји од регионот што имаат статус на кандидати за членство во Европската Унија се придржуваа до најновите одлуки на ЕУ.

„Овие земји ќе обезбедат нивните национални политики да бидат во согласност со оваа Одлука на Советот (ЕУ). Европската Унија ја зема предвид оваа обврска и ја поздравува“, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас.

Видете и ова: Поради постоечките пропусти, ЕУ планира нови санкции кон Русија

Патем, Србија досега не се придржуваше до ниедна одлука за санкции против Русија поради нејзината агресија против Украина.

Од секоја земја-кандидат се очекува постепено да се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, додека усогласувањето мора да биде завршено во моментот на членство.

Ова е една од причините зошто Србија не отворила никакво поглавје од преговорите од декември 2021 година и го изгубила статусот на земја-водач во процесот на пристапување.

Во меѓувреме, според извештајот за напредокот објавен од Европската комисија во ноември 2025 година, усогласеноста на Србија со рестриктивните мерки на ЕУ се зголемила на 63 проценти, во споредба со 59 проценти забележани во 2024 година.

Ова зголемување се однесува на други рестриктивни мерки воведени од ЕУ кон таканаречените трети земји, но не и кон Русија.

Србија е кандидат за полноправно членство во ЕУ од 2012 година, а ги отвори преговорите за пристапување во 2014 година.