Трамп ја повика Куба да склучи договор со САД и предупреди дека повеќе нема да добива нафта од Венецуела

Трамп и Рубио, 3 јануари 2026 година.

Американскиот претседател, Доналд Трамп во неделата ја повика Куба да постигне договор со САД, предупредувајќи дека таа островска држава повеќе нема да добива нафта и пари од Венецуела.

„Повеќе нема да пристигнуваат нафта или пари во Куба – нула“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social. „Силно им сугерирам да склучат договор пред да биде предоцна.“

Венецуела е најголемиот снабдувач на Куба со нафта, но откако на почетокот на годината американските специјални сили во операција во Каракас го уапсија авторитарниот лидер Николас Мадуро, кој во САД е обвинет за нарко-тероризам, Трамп успешно изврши притисок врз привремената претседателка, Делси Родригез, венецуелската нафта да се испраќа во САД.

Во американската операција беа убиени десетици припадници на венецуелските и кубанските безбедносни сили кои го обезбедуваа Мадуро.

Видете и ова: Криминални групи од Балканот и шверц на кокаин: Венецуелската врска

Иако последиците од апсењето на соборениот Мадуро би можеле да се почувствуваат и кај оддалечените сојузници на Венецуела, како што се Иран, Кина и Русија, ниту една земја не е толку ранлива на исходот од американската акција во Венецуела како Куба.

Оваа островска држава, која се соочува со хроничен недостиг од пари, во голема мера зависи од Венецуела за снабдување со енергенси, кои ги добива по силно субвенционирани и исклучително ниски цени.

Истиот ден, претходно оваа недела, кога Мадуро на суд во Њујорк се изјасни дека не е виновен по обвиненијата за нарко-тероризам, во Венецуела заклетва како привремена претседателка положи дотогашната потпретседателка, Родригез.

Трамп претходно, во неделата, сподели повторно објава во која се сугерира дека американскиот државен секретар Марко Рубио, чии родители се имигранти од Куба, би можел да стане претседател на таа земја, со која владеат комунистите.

Трамп ја сподели таа објава со коментар: „Ми звучи добро!“

Видете и ова: Трамп ги предупреди владетелите на Венецуела да „соработуваат“ или ќе платат „многу висока цена“

Набргу потоа, Трамп во објава изјави дека „Куба со години живееше од големи количини нафта и пари од Венецуела. За возврат, Куба обезбедуваше ‘безбедносни услуги’ за последните двајца венецуелански диктатори, но тоа веќе не е случај!“

„Поголемиот дел од тие Кубанци се мртви како резултат на минатонеделниот напад на САД, а на Венецуела повеќе не ѝ е потребна заштита од насилници и уценувачи кои ја држеа како заложник толку многу години“, додаде тој.

Под американското трговско ембарго, Хавана од 2000 година сè повеќе се потпира на венецуелската нафта, обезбедена како дел од договорот постигнат со претходникот на Мадуро, Уго Чавез.

За Куба, губењето на венецуелската нафта би можело да биде разорно.

Меѓу јануари и ноември минатата година, Венецуела во просек испраќала 27.000 барели дневно на овој остров, со што покривала приближно 50 отсто од нафтениот дефицит на Куба, покажуваат податоците за транспорт и документите на венецуелската државна нафтена компанија PDVSA.