Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се надева дека наскоро ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, евентуално во Вашингтон.
Во меѓувреме во Париз продолжуваат разговорите за рамка за ставање крај на речиси четиригодишната војна во Украина.
Зеленски, кој бара цврсти повоени безбедносни гаранции од САД и европските земји за да ја одврати Русија од повторен напад, им рече на новинарите дека сè уште не добил јасен одговор од партнерите на Украина за тоа каков би бил нивниот одговор на таков напад.
Покрај Зеленски, на разговорите одржани на 6 јануари во Париз учествуваа и главните преговарачи на американскиот претседател Доналд Трамп — Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Видете и ова: Соjузниците на Украина ветија „цврсти“ безбедносни гаранции по завршувањето на војната со Русија„Потврдивме дека обезбедувањето на суверенитетот и трајната безбедност на Украина мора да биде составен дел од мировниот договор и дека секое решение мора да биде поткрепено со силни безбедносни гаранции за Украина“, се наведува во соопштението објавено по состанокот.
„И Коалицијата на партнери и Соединетите Американски Држави ќе имаат клучна и тесно координирана улога во обезбедувањето на овие безбедносни гаранции“, се додава во соопштението.
Состанокот се одржа во услови на засилена дипломатска активност со цел финализирање на мировен предлог за ставање крај на најголемиот и најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна наваму.