Американскиот претседател Доналд Трамп разговарал за „низа опции“ за преземање на Гренланд, вклучително и користење на војската, соопшти Белата куќа, јавува новинската агенција Ројтерс.
Прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека „аквизицијата на Гренланд е приоритет за национална безбедност“ за Трамп за да ги одврати американските противници како Русија и Кина.
„Претседателот и неговиот тим разговараат за низа опции за остварување на оваа важна цел на надворешната политика и, секако, користењето на американската војска е секогаш опција на располагање на врховниот командант“, рече таа во изјава за новинската агенција Франс Прес.
Американскиот економски весник „Волстрит Џурнал“ објави дека според нивни извори од Белата Куќа претпочитаната опција на Трамп е да го купи Гренланд од Данска, додавајќи дека заканите не сигнализираат непосредна инвазија.
Данска предупреди дека секој потег за преземање на Гренланд со сила би значел дека „сè ќе престане“, вклучително и НАТО и 80-годишните блиски трансатлантски безбедносни врски.
Секоја воена акција на САД против Гренланд ефикасно би го урнала НАТО, бидејќи Членот пет на алијансата ветува дека земјите-членки ќе ги бранат сите нивни членови кои ќе бидат нападнати.
Видете и ова: Замрзнати амбиции: Зошто САД сакаат да го земат Гренланд?Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, напиша на социјалните мрежи дека тие барале средба со Рубио во текот на 2025 година, но „тоа досега не било можно“.
Министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Локе Расмусен, рече дека средбата со Рубио треба да „разјасни одредени недоразбирања“.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, инсистираше дека островот не е на продажба и дека само неговите 57.000 жители треба да одлучат за неговата иднина.
Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Полска и Шпанија ѝ се придружија на Данска во изјава во вторник, велејќи дека ќе ги бранат „универзалните принципи“ на „суверенитет, територијален интегритет и неповредливост на границите“.
Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер се обидоа да го намалат значењето на спорот додека присуствуваа на мировните преговори за Украина во Париз, заедно со претставникот на Трамп, Стив Виткоф, и зетот Џаред Кушнер.
„Не можам да замислам сценарио во кое Соединетите Американски Држави би се нашле во позиција да го нарушат данскиот суверенитет“, рече Макрон.
Трамп ја предлага идејата за анексија на Гренланд уште од својот прв мандат. Во последната година, Копенхаген инвестираше многу во безбедноста, издвојувајќи околу 90 милијарди круни односно 14 милијарди долари.