Зеленски на разговори со сојузниците, Русија продолжува со нападите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја посетува изложбата на нови украински дрон-ракети „Пекло“, посветена на Денот на Вооружените сили на Украина. Киев, 6 декември 2024 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе биде домаќин на безбедносни разговори во Киев на 3 јануари со западни партнери, додека Москва продолжи со воздушните напади врз Украина, вклучително и 95 дронски удари во текот на ноќта.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека пресретнале 80 од дроновите и дека нема пријавени жртви, но во претходен напад на 2 јануари, кој погоди станбена област во североисточниот украински град Харков, беа повредени повеќе од 31 лице, а две лица загинаа, меѓу кои и тригодишно дете.

Нападите и безбедносните разговори се одвиваат во време на засилени напори поддржани од САД за ставање крај на речиси четиригодишната војна во Украина.

На разговорите во Киев, на Зеленски ќе му се придружат претставници од 15 земји членки на Европската Унија и НАТО, вклучително и американска делегација која ќе се вклучи преку видео-врска.

Видете и ова: Русија напаѓа енергетски објекти во Украина, Зеленски се подготвува за разговори со сојузниците

Разговорите следуваат по неколкунеделни засилени иницијативи и притисок од Вашингтон за посредување во мировен договор меѓу Русија и Украина.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е постигнат значителен напредок, но дека „едно или две многу трнливи, многу тешки прашања“ сè уште остануваат пред двете страни да бидат подготвени да го одобрат планот од 20 точки што го турка Вашингтон.

Две од клучните прашања се распределбата на територијата во источна Украина и судбината на најголемата нуклеарна централа во Европа – Запорожје, која во моментов е под руска окупација.

Зеленски треба да се сретне со европски лидери во Франција на 6 јануари, каде што ќе се разговара за можен мировен договор и за најновите случувања на бојното поле во Украина.

Зеленски во меѓувреме прави реконструкција на врвот на власта пред клучните разговори. Во тој контекст, украинскиот претседател на 2 јануари го назначи шефот на военото разузнавање Кирило Буданов за свој нов главен советник.

Откако формално ќе биде назначен, тој ќе го замени Андриј Јермак, близок соработник на Зеленски и влијателен политички фактор, кој поднесе оставка во ноември, откако истражителите извршија претрес во неговиот дом во рамки на обемна антикорупциска истрага.

Буданов ужива силна репутација во Украина и се смета за заслужен за серија смели операции против Русија.

Аналитичарите велат дека Зеленски со ова назначување се обидува да ја врати довербата во своето лидерство и во државните институции, како и да ја зајакне одбраната на Украина и нејзината позиција во мировните разговори поддржани од САД.

„Кирило има специјализирано искуство во овие области и доволна сила за да испорача резултати“, напиша Зеленски на социјалната платформа „Х“ .

Во изјава, Буданов рече дека ја прифатил понудата и дека ќе се фокусира на „стратешката безбедност на нашата држава“.

Зеленски, исто така, најави дека има намера да го замени Денис Шмигал како министер за одбрана со Михајло Федоров, актуелниот министер за дигитална трансформација.

„Михајло е длабоко вклучен во прашањата поврзани со дроновите и е многу ефикасен во дигитализацијата на државните услуги и процеси“, изјави украинскиот претседател.

Иако напредувањето на руските сили на бојното поле е ограничено и тешко изборено уште од првата година на целосната војна во Украина, анализа од 2 јануари на Институтот за проучување на војната, тинк-тенк со седиште во Вашингтон, покажа дека територијалните добивки на Москва во 2025 година биле најголеми од 2022 година наваму.

Руската армија зазела повеќе од 5.600 квадратни километри, што е вкупно повеќе од територијата освоена во претходните две години заедно. Сепак, таа бројка е далеку помала од повеќе од 60.000 квадратни километри што Русија ги зазеде во 2022 година по почетокот на целосната инвазија.

Врховниот командант на украинската армија, Олександр Сирски, изјави дека тие напредувања резултирале со речиси 420.000 загинати и ранети руски војници во 2025 година, според украинските проценки.