Зеленски: Руските акции во Украина не се совпаѓаат со „мирната реторика“ на Путин во разговорите со Трамп

Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска, 29 декември изјави дека руските напади врз Украина и домашните пораки на Владимир Путин за војната не одговараат на неговата „мирна реторика“ кон американскиот лидер Доналд Трамп.

„Од една страна, тој му кажува на претседателот на Соединетите Држави дека сака да ја заврши војната и дека тоа е негова желба“, им рече Зеленски на новинарите, додавајќи:

„А од друга страна, тој отворено ги споделува во медиумите сите свои пораки за тоа дека е подготвен и сака да ја продолжи војната - нè напаѓа со ракети, отворено зборува за тоа, го слави уништувањето на цивилната инфраструктура, им дава инструкции на своите генерали каде да напредуваат и што да заземат и така натаму. Според мене, овие акции не одговараат на наводно мирната реторика што ја користи во дијалозите со претседателот на Соединетите Држави“, рече Зеленски.

Видете и ова: Трамп по средбата со Зеленски изјави дека разговорите за мир во Украина одат во „вистинската насока“

Зеленски, меѓудругото изјави дека смета дека присуството на странски трупи во Украина е неопходен дел од безбедносните гаранции за Киев, како дел од секој договор за завршување на војната со Русија.

„Верувам дека присуството на меѓународни трупи е вистинска безбедносна гаранција, тоа е зајакнување на безбедносните гаранции што нашите партнери веќе ни ги нудат“, изјави Зеленски.

Украинскиот претседател вели дека територијалните прашања и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е окупирана од Русија, се последните нерешени делови од разговорите за завршување на војната меѓу Украина и Русија.

„Остануваат две прашања: нуклеарната централа Запорожје - како ќе функционира - и прашањето за териториите. Затоа реков дека овој план од 20 точки е 90 проценти готов“, потенцираше Зеленски.

Американскиот претседател Доналд Трамп по двочасовната клучна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски и телефонските разговори со европските лидери изјави дека разговорите за завршување на војната на Русија против Украина „одат во вистинската насока“.

Средбата со Зеленски во Флорида беше кулминација на недели телефонска и шатл-дипломатија, но и најопипливиот знак за напредок во преговорите за прекин на борбите, во кои, по речиси четири години, се убиени или ранети повеќе од 1,5 милиони луѓе на двете страни.