Oтстранети шаторите пред српскиот Парламент, Вучиќ најави избори следната година

Платото пред Домот на Народното собрание во Белград

Пред Домот на Народното собрание во центарот на Белград, доцна синоќа (28 декември) беа отстранети шаторите каде што повеќе од осум месеци престојуваа поддржувачите на властите.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во обраќање пред приврзаници на властите собрани синоќа пред парламентот, најави дека во следните неколку дена, таму ќе биде отворено божиќно село за сите граѓани, по што сообраќајот во тој дел од градот ќе биде нормализиран.

Вучиќ, исто така, најави дека во следниот месец ќе бидат отстранети шаторите од паркот Пионирски, што се наоѓа спроти српскиот Парламент, поставени во март оваа година.
Претходно, дел од шаторите беа отстранети од Пионирски.

Вучиќ, синоќа објави дека следната година ќе се одржат избори, на кои, како што рече, актуелните власти ќе постигнат убедлива победа и со тоа „дефинитивно ќе се потврди довербата на граѓаните“.

„Го прифативме нивното главно барање, ќе одиме на избори следната година. Нема да бидат толку среќни кога ќе ги пребројуваат гласовите. Ќе ги победиме на секое место во Србија“, рече Вучиќ, обраќајќи се пред насобраните пред Народното собрание.

Видете и ова: Вучиќ најави отстранување на „Ќациленд“

Вучиќ рече дека „обидите за преземање на власта на улица се завршени“, тврдејќи дека граѓаните собрани околу Пионирски парк и платото пред Собранието „ја спасиле државата“.

„Мојот предлог е да се ослободи овој простор за некое време, бидејќи нивните обиди за преземање на власта се завршени“, рече српскиот претседател.

Тој додаде дека негова иницијатива е да се отстрани шаторската населба позната коликвијално како „Ќациленд“ од Пионирски парк и од платото пред Народното собрание, бидејќи верува дека, како што изјави, „обидот за преземање на власта со сила е пробан и завршен“.