Спиропали: Силно го поддржуваме европскиот пат на Северна Македонија

Министрите за надворешни работи на Албанија и Северна Македонија, Елиса Спиропали и Тимчо Муцунски, 22 декември 2025 година

Албанија го поддржува европскиот пат на Северна Македонија, не само поради тоа што двете земји се партнери, туку затоа што Македонија со јаки институции е сигурност за целиот регион. Ова е пораката на инистерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на земјава.

„Овој процес не го гледаме како натпревар меѓу земјите кандидатки, туку како пат кој го одиме заеднички, како дестинација која е неизбежна и приородна припадност на нашите народи. И затоа силно го поддржуваме евроатлантскиот пат на Северна Македонија“, рече Спиропали.

Министерката потенцираше дека кога две држави имаат заедничка желба и заеднички цели наоѓаат време за посети и заедничка соработка во сите сфери, а се со цел да се подобри животот на граѓаните во двете земји.

„Географијата не постави како соседи, историјата не научи да бидеме пријатели, а економијата двете земји прави партнери“, порача Спиропали.

Видете и ова: Советот на ЕУ до Северна Македонија: Спроведете ги уставните измени и реформите

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски рече не треба да има никаква дилема дека во интерес на Северна Македонија е да се најде решение за спорот со Бугарија. Потврди дека има охрабрување и желба од одредени земји членки и од страна на европските институции за воспоставување дијалог.

„И од наша страна има подготвеност уште утре да седнеме да разговораме, да дискутираме како ќе ја одблокираме оваа непринципиелна блокада која и се прави на нашата држава. Но, доколку некој очекува дека оваа Влада туку така ќе се согласи и ќе направи отстапка, без да има сигурност по иднината и завршетокот на европскиот пат, кој да, фактички ќе зависи од нас и од реформите што ќе ги спроведеме, јавноста добро знае дека таква подготвеност од наша страна нема, бидејќи не планираме да создадеме ќорсокак како што создадоа нашите претходници“, посочи Муцунски.

Тој изрази задоволство од економските и културни односи меѓу Северна Македонија и Албанија, а особено ја пофали, како што рече, одличната билатерална соработка во делот на заштитата на македонското национално малцинство во Албанија.

„По тој повод изразувам и благодарност за одличната соработка, којашто постои на билатерален план по однос на прашањата за заштитата на македонското национално малцинство, коешто живее во Република Албанија. Продолжуваме заеднички низ призмата на многу иницијативи, коишто можат да не обединат“, изјави Муцунски.

Албанија и Македонија активно соработуваат во економијата, инфраструктурата и безбедноста, како и во рамки на регионални иницијативи. Членство во Европската Унија им е заедничка цел и на двете земји, па затоа често ја координираат соработката во областа на евроинтеграциите.

И двете земји формално ги започнаа пристапните преговори во ист период, јули 2022 година и се дел од новата методологија на ЕУ, која ги групира поглавјата во кластери и става силен акцент на владеењето на правото, демократијата и фундаменталните вредности. Во тој контекст, и Албанија и Македонија спроведуваат реформи во судството, борбата против корупцијата и јавната администрација, под постојан мониторинг од Европската комисија.

Видете и ова: Албанија ќе го отвори последниот кластер од преговорите со ЕУ

Иако и двете земји имаат иста европска цел, нивниот пат кон ЕУ се разликува по динамика, услови и политички контекст.

Во последниот извештај за напредок од ЕУ, Албанија беше пофалена за постигнатиот реформски напредок во повеќе области, а еврокомесарката Марта Кос истакна дека Албанија има реална можност да ги заврши пристапните преговори до 2027 година, што би ја довело земјата поблиску до членство во ЕУ околу 2030 година — доколку продолжат со силни реформи и исполнување на условите.

За Северна Македонија усвојувањето на уставните измени за внесување на бугарското малцинство во Уставот останува клучен услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ, која означува премин од формален почеток кон суштински преговори.