Тополова-Исајловска избрана за в.д. јавен обвинител

Основно јавно обвинителство, Скопје

Обвинителката Анита Тополова-Исајловска е именувана за вршител на должноста државен јавен обвинител.

Таа беше единствениот предложен кандидат, на местото на Љупчо Коцевски, кој минатата недела поднесе оставка од функцијата.

Коцевски беше државен обвинител неполни две години откако беше избран од пратениците во минатиот парламентарен состав на 13 февруари 2024 година.

Тој поднесе оставка од функцијата непосредно пред да почне собраниската седница на 16 декември на која требаше да се расправа за предлогот на власта за негово разрешување, велејќи дека заминува од Јавното обвинителство со „гордо крената глава, но и со „разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“.

Според власта, обвинителот требало да замине од функцијата поради „направени крупни професионални грешки при раководењето со јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на јавното обвинителство“.

Видете и ова: Обвинителот Коцевски поднесе оставка пред да го разрешат

Тополова-Исајловска доаѓа на местото на Коцевски од позицијата заменик јавен обвинител, каде што помина подолг временски период.

Назначувањето на вршител на должност јавен обвинител се врши согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство. Функцијата се извршува до именување на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.