Данска во понеделник, 22 декември ги предупреди Соединетите Држави да го почитуваат суверенитетот откако претседателот Доналд Трамп назначи специјален пратеник за Гренланд, данската автономна територија што Трамп се закани дека ќе ја анектира.
Откако се врати во Белата куќа во јануари 2025 година, Трамп постојано повторуваше дека на САД им е потребен островот богат со ресурси од безбедносни причини и одби да ја исклучи употребата на сила за да го обезбеди.
Трамп рано во понеделник објави дека го назначил гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник на САД за Гренланд.
„Џеф разбира колку Гренланд е суштински за нашата национална безбедност и силно ќе ги унапредува интересите на нашата земја за безбедноста, сигурноста и опстанокот на нашите сојузници, а всушност и на светот“, напиша Трамп на својата платформа за социјални медиуми „Truth Social“.
Ландри му одговори директно на Трамп во објава на платформата X:
„Чест ми е да ви служам на оваа волонтерска позиција за да го направите Гренланд дел од САД“.
Огромното мнозинство од 57.000 жители на Гренланд сакаат да станат независни од Данска, но не сакаат да бидат дел од Соединетите Американски Држави, покажа анкетата на јавното мислење од јануари.
Видете и ова: Замрзнати амбиции: Долгото американско настојување за ГренландЛидерите на Данска и Гренланд постојано инсистираат дека огромниот арктички остров не е на продажба и дека самиот ќе одлучи за својата иднина.
„Именувањето го потврдува континуираниот американски интерес за Гренланд. Сепак, инсистираме дека сите - вклучително и САД - мора да покажат почит кон територијалниот интегритет на Кралството Данска“, изјави во понеделникот данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен во изјава испратена по е-пошта до агенцијата АФП.
Гренланд е стратешки лоциран помеѓу Северна Америка и Европа во време на зголемен интерес на САД, Кина и Русија за Арктикот, каде што се отворија морски патишта поради климатските промени.
Локацијата на Гренланд, исто така, го става на најкратката рута за ракети помеѓу Русија и САД.
Во август, Данска го повика вршителот на должноста амбасадор на САД по извештаите за обид за мешање во Гренланд.
Најмалку тројца американски функционери блиски до Трамп беа забележани во главниот град на Гренланд, Нуук, како се обидуваат да идентификуваат луѓе кои се за и против зближувањето со САД.
САД отворија конзулат во Гренланд во јуни 2020 година.