Во текот на неделава забранет е увоз на 22,3 тони киви од Србија поради утврдено присуство на ларви и инсекти, информираше Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на 21 декември.
Станува збор за киви кои биле наменети за индустриска преработка, но по проверка од инспектор за храна било утврдено дека тие не се безбедни за увоз и за понатамошна обработка.
„На увозникот му е издадено решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник“, соопштија од АХВ.
Една недела претходно, од Агенцијата соопштија дека спречиле и друг голем увоз на небезбедна храна. Меѓу неа, беа и 26 тони пилешки батаци од Бразил за кои имало ризик од птичји грип.
Видете и ова: Нема казна за увозникот на небезбедно пилешко месо од БразилКако што пишуваше Радио Слободна Европа, во вакви ситуација не постојат санкции за фирмите што увезуваат.
„Оваа фирма не е казнета, затоа што е спречен увозот, на санкции подлежат само оние оператори со храна кои ќе пуштат во промет небезбедна храна“, објаснија тогаш од АХВ за РСЕ.
Според законот, казни од 600 па се до 6 илјади евра може да им се изрече само на фирми кои ставиле во промет небезбедна храна.