Конгрес на ДУИ: Ахмети бара Национален договор за напредок

Северна Македонија - Конгрес на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Скопје, 20.12.2025 година.

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) го одржа петтиот конгрес на партијата, од кој лидерот Али Ахмети испрати неколку барања: секоја нова Влада да се избира со двојно мнозинство (таканареченo Бадентерово мнозинство), истиот принцип да се применува и при носење одлуки во Уставниот суд, целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години и Национален договор за напредок.

Принципот на т.н. Бадентерово мнозинство беше воведен со Охридскиот рамковен договор во 2001 година, за при гласањето за системски закони да се заштитат правата на малцинствата. Тоа значи дека за одредени закони и одлуки не е доволно само просто мнозинство од сите пратеници, туку мора да има и мнозинство од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство (Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други).

Видете и ова: Али Ахмети: Не изгубив на избори за да се повлечам од политиката

Според Ахмети, доколку Владата се бира со двојно мнозинство, тоа ќе ѝ обезбеди „да ужива двоен легитимитет и да биде вистински репрезентативна за сите етникуми“.

Имплементација на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд „ќе го зачува интегритетот на законите што се одобрени со двојно мнозинство, ќе ја зголеми довербата на граѓаните во правдата и ќе спречи каква било форма на институционален мајоризација“, според претседателот на ДУИ.

Ахмети од партискиот конгрес во Скопје побара и продлабочување на децентрализацијата и финансиска независност на општините што би имало за цел „да го консолидира единството на државата“.

Според претседателот на ДУИ, на државата ѝ е потребен еден нов историски договор – национален договор.

„Нашите граѓани бараат повеќе, нашите деца заслужуваат повеќе, затоа дојде време за нов историски договор, договор не за опстанок, туку за напредок, национален договор за напредок. Националниот договор за напредок не е само политички, тој е обврска на сите заедници што живеат во нашата република и на експерти од соодветните области. Договорот е морална обврска, ветување кон нашите деца и визија за земја каде што соништата се остварливи, а достоинството е загарантирано“, рече тој.

Ахмети кажа дека ДУИ поддржува истрага за сите носители на јавни функции во последните 34 години: министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители и припадници на полицијата, проверка на имотот и потеклото на имотот за секој јавен функционер, темелна истрага на процесот на приватизација и истрага за дејствувањето на државните безбедносни служби и нивните службеници од 1945 година до денес.

По петтиот конгрес на ДУИ, се очекуваат значајни промени во раководните структури на партијата.

Ахмети беше реизбран за лидер на партијата.

Видете и ова: Партиски промени, но со исти лидери

По парламентарните избори во Северна Македонија во мај 2024 година победи сега владејачките ВМРО-ДПМНЕ која формира влада со коалицијата Вреди, а ДУИ замина во опозиција.

ДУИ, предводена од Али Ахмети, беше формирана во 2002 година и околу две децении беше коалициски партнер на речиси сите главни партии во владите на Северна Македонија.

Одржувањето партиски конгреси е редовна пракса по избори. Последни избори во Северна Македонија беа локалните избори чиј прв круг се одржа на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.

На почетокот на декември, Конгрес одржа и ВМРО-ДПМНЕ, на кој лидерот и премиер Христијан Мицкоски беше реизбран да ја води партијата и во следните четири години.

Опозициската СДСМ исто така најави партиски Конгрес, што уште не е закажан. Партијата одржа состаноци на Централниот на Извршниот одбор при што беше сменето дел од раководството, но лидерот Венко Филипче најави дека ќе продолжи да ја води СДСМ.

Во јануари се очекува и основачки Конгрес на коалицијата Вреди, по најавите дека ќе прераснува во партија.