Силите на Соединетите Американски Држави(САД) спроведоа голема операција против екстремистичката група Исламска Држава (ИД) во Сирија, операција што американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша како „многу сериозна одмазда“ за нападот во кој загинаа тројца Американци - двајца војници и еден цивил.
Вашингтон објави дека напаѓач на ИД го извршил нападот на 13 декември во Палмира, кога беа ранети и тројца американски војници.
„Американските сили спроведоа воздушни напади во Сирија за да ги елиминираат борците на ИД, инфраструктурата и складиштата за оружје како директен одговор на нападот на 13 декември врз американските сили во Палмира, Сирија“, напиша американскиот министер за одбрана Пит Хегсет на мрежата Икс.
„Ова не е почеток на војна, ова е декларација за одмазда“, напиша тој, додавајќи: „Денес ги следевме и убивавме нашите непријатели. Многу од нив, и ќе продолжиме.“
Видете и ова: Од соништа за „калифат“ до живот со трауми: Исповед на Босанки кои живееле во СиријаТрамп напиша на својата социјална мрежа „Трут сошиал“ (Truth Social) дека американските сили „се одмаздуваат многу сериозно, како што ветив, против убиствените терористи кои се одговорни“ и дека оние кои ги напаѓаат Американците „ќе бидат погодени посилно од кога било порано“.
Централната команда на САД соопшти дека американските сили „започнале голем напад врз инфраструктурата и објектите за оружје на ИСИС во Сирија“.
Централната команда, исто така, соопшти дека биле погодени „повеќе од 70 цели на неколку локации во Сирија“.
Сириската опсерваторија за човекови права изјави за агенцијата АФП дека најмалку пет членови на ИСИС, вклучувајќи го и водачот на ќелијата, биле убиени во нападите на американските сили ноќта меѓу 19 и 20 декември.
Сириското Министерство за надворешни работи, иако не коментираше директно за нападот на САД, објави на Икс дека земјата е посветена на борбата против ИСИС „за да се осигури дека нема безбедни засолништа на сириска територија“.
Американците убиени во нападот во Палмира минатиот викенд беа Вилијам Хауард и Едгар Торес Товар, наредници на Националната гарда на Ајова како и Ајад Мансур Сакат, цивил од Мичиген кој работел како преведувач.
Нападот во Палмира беше прв инцидент од ваков вид по соборувањето на долгогодишниот сириски владетел Башар ал-Асад во декември минатата година, а портпаролот на сириското Министерство за внатрешни работи, Нуредин ал-Баба, рече дека сторителот бил член на безбедносните сили кој требало да биде отпуштен поради „неговите екстремистички исламистички идеи“.
Во 2014 година, ИД зазеде големи делови од сириската и ирачката територија. Американскиот персонал беше цел бидејќи ги поддржуваше меѓународните напори за пораз на ИД.
ИД е поразена, но сè уште е присутна во Сирија.
Забелешка: Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба во септември 2025 година, со која го смени името на Министерството за одбрана во Министерство за војна, како друг назив.